Што знаат Урсула и Доналд што се 750 милијарди?

Трговскиот договор на САД и ЕУ буквално е „фантастичен“. Во очајнички обиди да избегне царини од 30% и општа трговска војна со САД, Урсула фон дер Лејен прифати сè што од неа побара Доналд Трамп и вети дека Унијата за три години ќе купи американски енергенси за 750 милијарди долари. Ниту Америка има толку нафта и гас на продажба ниту Европа има капацитет да ја купи и обработи.

Откако се откажа од рускиот природен гас, ЕУ по 2022 година сè повеќе го зголемува увозот на течен природен гас (ЛНГ) од САД. Но претерано е новото ветување на Брисел да купи нафта и гас во вредност од 750 милијарди долари, и тоа до крајот на претседателскиот мандат на Доналд Трамп.

Купувањето на американски енергенси ќе ги диверзифицира нашите извори на снабдување и ќе придонесе за енергетската безбедност на Европа изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен.

Еврокомесарот за трговија Марош Шевчович ден подоцна изјави дека „Договорените суми се остварливи“.

Конечната сума е целосно нереална, поради ограничените залихи од САД, техничките пречки и слабите овластувања што ЕУ ги има врз увозниците, објаснува Лаура Пејџ, аналитичарка за гас во фирмата за глобална трговија Кплер.

ЕУ лани потрошила 375 милијарди евра за увоз на енергенси, вклучувајќи и 76 милијарди евра за увоз од САД. Тоа значи дека ЕУ во следните три години ќе мора тројно да го зголеми увозот на гас од Америка и притоа да го запре увозот од други добавувачи, како Норвешка, која испорачува поевтин гас преку цевковод.

Целосното исфрлање на увозот на руска енергија нема да направи голема разлика. ЕУ лани потрошила само 23 милијарди евра за увоз на нафта и гас од Москва.

САД, од друга страна, лани испорачале на други земји нафта и гас во износ од 166 милијарди долари. За да ги исполнат обврските од трговскиот договор, ќе треба да го пренасочат целиот извоз кон ЕУ.

Тоа едноставно никогаш нема да се случи, бидејќи извозот на течен природен гас од САД не е врзан за една дестинација и обично оди кај оној со највисока понуда во светот, објаснува Пејџ.

Има и други технички проблеми. ЕУ моментално со увоз од САД задоволува 12% од потребите за нафта и горива. Ова би можело да се зголеми на максимум 14% поради тоа што рафинериите во Европа имаат ограничен капацитет за преработка на специфичната мешавина на американската нафта.

Брисел, всушност, само склучува договори и овозможува услови, додека компаниите се тие што ги реализираат, ако видат економска логика.

ЕУ не е компанија. Како ќе ги принуди фирмите од Европа да купуваат гас и нафта од САД? Ако постои комерцијална логика, компаниите ќе го сторат тоа, ако не, тоа е ветер и магла, изјави за Политико анонимен извор од Европската комисија.

31 јули 2025 - 10:37