Светот е гладен за нуклеарно разоружување, покажа гласањето во Комитетот за разоружување и меѓународна безбедност на ОН, каде што 123 држави беа за започнување преговори за глобална забрана на нуклеарното оружје.
Арно ама, ситиот на гладниот не му верува, па против ваквиот предлог беа сите 9 земји за кои е познато дека поседуваат нуклеарно оружје: САД, Русија, Израел, Кина, Индија, Пакистан, Франција, Британија и Северна Кореја.
Ним им се придружија и земјите што се сметаат за заштитени од некоја од овие нуклеарни сили, па вкупниот број против беше 38. Најгласна од ваквите сателити била Австралија.
Или можеби овие земји гледаат некој друг есап во ситуацијата во која оваа планета во моментов има околу 15.000 нуклеарни тела за воена употреба.
Иако изгласаниот предлог ја нема потребната поддршка од постојаните членки на Советот за безбедност, тој ќе оди на гласање на генералното собрание во март, барем колку за да се актуализира ова прашање.
Една од последните позитивни вести на оваа тема беше тоа што се издејствува контрола врз нуклеарните желби на Иран бидејќи никој не би бил среќен кога едно такво црвено копче за лансирање (така тоа го замислуваме) би добил некој налудничав и борбен ајатолах.
Тоа првенствено го издејствуваа Американците, чии црвени копчиња - just saying - наскоро би можеле да дојдат под извршна команда на еден налудничав и борбен капиталист.