Информацијата што ја имала толпата е дека на аеродромот слетува авион со Евреи кои во Дагестан бегаат од Израел за да се спасат од војната. За толпата не е никаков проблем логиката дека некој со пари да бега од Израел спасот ќе го бара во планинска и тешко достапна доминантно муслиманска руска република.
Тоа што се случи на аеродромот во Махачкала е дел од целодневна занимација што ја имаат анти-израелските толпи во Дагестан. Драмите почнуваат претходно пред два хотела во дагестанскиот град Хасавјурт по шпекулациите дека тие се „полни со Евреи“.
Толпата која носи палестински знамиња и почнува да ги каменува хотелите, бара тие да ги избркаат израелските гости, а успева и да влезе внатре и да почне да ги проверува пасошите на гостите. За да ги смири управата на еден од хотелите поставува знак на кој пишува „СТРОГО ЗАБРАНЕТ ВЛЕЗ за странски државјани од ИЗРАЕЛ (ЕВРЕИ)!!! (И ТУКА НЕМАМЕ ТАКВИ)“.
Неколку часови подоцна по немирите во Хасавјурт, пред аеродромот во Махачкала се собира толпа од околу 1.200 лица, која извикувајќи слогани за поддршка на Палестина, ја напаѓа полицијата и успева да упадне на пистата во потрага по Евреи дојдени со летот од Тел Авив.
Изворот на двете тврдења, и за хотелите и за аеродромот, се Телеграм канали.
Речиси сите патници кои паѓаат во раце на толпата се руски државјани кои биле во Израел заради медицински потреби. Во авионот има и 15 Израелци од кои најголемиот дел треба да го продолжат летот кон Москва. Кога почнуваат немирите полицијата нив прво ги изолира во посебен дел од аеродромот, а потоа дел од нив со воен хеликоптер се однесени во Москва, додека дел по своја волја се упатуваат кон своите дестинации во Дагестан.
Израелскиот весник Јнет објавува дека еден од Израелците бил запрен од толпата, но излажал дека е муслиман по што бил пуштен. Од голема помош за израелските патници било и тоа што имале двојно државјанство и зборувале руски.
Процената е дека во Дагестан има околу 800 еврејски семејства, од кои 300 до 400 се во градот Дербент, а другите се низ остатокот од републиката.