Што ако до ноември Трамп остане без капацитет да биде претседателски кандидат или да почине, станува една од централните теми на американската политичка сцена по веста дека Доналд Трамп и неговата сопруга имале позитивни тестови на коронавирус, веројатно заразувајќи се од нивната блиска соработничка Хоуп Хикс.
Според правилата на Републиканскиот национален комитет (РНЦ), отсуството на кандидат поради смрт се пополнува на ист начин како што се бира кандидатот на национална конвенција. Тоа значи дека Мајк Пенс не ја добива кандидатурата по автоматизам туку дека партијата треба да одбере нов кандидат. На државната функција, Пенс секако ќе го заменува претседателот во случај на фатален исход.
168 членови на РНЦ, по три од секоја држава и по три од Колумбија, Американска Самоа, Гуам, островите на северна Маријана, Порторико и Девствените острови ќе треба да гласаат и да изберат нов кандидат со мнозинство. Слични се правилата и на конкурентниот Демократски национален комитет (ДНЦ).
Целиот процес не е без предизвици, и тоа сериозни.
Изборните ливчиња веќе се испечатени со имињата на Трамп и Бајден, а овој изборен циклус, заради стравот од пандемија, доведе до рекорден број Американци кои веќе гласаа по пошта. Нивните гласови ќе се прелеат на евентуалниот нов кандидат, што можеби не е избор на гласачот па тоа може да доведе до спорови и судски случаи.