Како Трамп ги изневери Саудијците

Саудиска Арабија со години вложуваше стотици милијарди долари во воено партнерство со САД, верувајќи дека тоа ќе го одбрани Кралството од регионалните непријатели. Кога дојде критичниот момент, Вашингтон му сврте грб на својот партнер. Разочарувањето го води Ријад кон создавање  регионален воен сојуз и градење многу поблиски стратешки односи со Кина.

Трамп ја почна војната против Иран убеден дека брзо ќе биде уништен капацитетот на Исламската Република да возврати со проектили врз Израел и врз арапските сојузници во регионот. Саудиска Арабија заедно со Јордан е најголемата директна жртва на таа погрешна проценка. И покрај скапите системи за одбрана купени од САД и поддршката од американската армада испратена во регионот, ирански дронови и ракети предизвикаа голема штета врз виталните економски капацитети на арапските кралства.

Штетата е многу поголема од уништените нафтени постројки. Блокадата на Ормускиот теснец, а од неодамна и на протокот Баб ел Мандеб кон Црвено Море ја зароби саудиската нафта, која е главен извор на приходи.

Во годините пред војната, Иран успеа да ја опколи Саудиска Арабија со сили под своја контрола во Ирак, Сирија, Либан и Јемен. Кралството не можеше да го заштити својот нафтен систем само преку цевководи што ги заобиколуваат критичните морски точки. Нафтоводот „Исток-Запад“ минува низ огромна територија изложена на ракетни напади, а излезот кон Црвено Море може да биде загрозен од Јемен. 

Ријад го сметаше стратегиското партнерство со САД како цврста безбедносна гаранција. Саудискиот фонд за јавни инвестиции се обиде уште повеќе да ја засили со 2 милијарди долари за фирмата на Џаред Кушнер, зетот на Трамп.

Тоа го прави разочарувањето уште поголемо. Саудиска Арабија сега ја плаќа цената за војната која не ја сакаше и не може да ја контролира, пишува политичкиот аналитичар Жан-Франсоа Сезнек.

Влошувањето на односите ги надминува проблемите на одбраната од ирански проектили. САД постигнаа договор за ненапаѓање со јеменските бунтовници, но им дозволија на хутите да ракетираат саудиски танкери и комерцијални бродови и ветија дека нема да се мешаат во нивната војна со Саудиска Арабија.

Вашингтон претходно договори цивилна нуклеарна соработка со Саудиска Арабија, но Трамп неочекувано му постави услов на Ријад да ги потпише „Аврамовите договори“, кои подразбираат нормализирање на односите со Израел.  За престолонаследникот Мохамед бин Салман е исклучително тешко да го исполни тоа барање сè додека Израел продолжува со операциите во Газа, ја засилува окупацијата на Западниот Брег и чисти територија во јужен Либан. 

Саудиските лидери сега мора да се преиспитаат дали се обложиле на погрешната страна. Малку е веројатно дека нивниот одговор ќе биде целосен прекин на односите со Вашингтон. САД ќе останат важен снабдувач со оружје, инвеститор и воен партнер. Но, Кралството веќе гради алтернативи, оценува Сезнек.

Саудиска Арабија, Пакистан и Турција во август го потпишаа Договорот за заедничка одбрана, кој ги обврзува трите земји колективно да одговорат ако која било од нив биде нападната. Неговото политичко значење е јасно. Саудиска Арабија повеќе не сака нејзиниот опстанок да зависи од еден надворешен заштитник. Пакистан е нуклеарна сила, а Турција е членка на НАТО со моќна одбранбена индустрија и воени сили. 

Кина е другата алтернатива. Таа е најголемиот купувач на нафта, економски партнер и една од ретките земји со реално влијание врз Техеран. Пекинг посредуваше за обновувањето на саудиско-иранските дипломатски односи во 2023 година и, за разлика од Вашингтон, не бара од Саудиска Арабија да ги нормализира односите со Израел или да се вклучи во регионална војна.

Кина не може да ја преземе улогата на воен заштитник на Саудиска Арабија. Нема ниту регионална инфраструктура како Американците ниту желба да го наследи нивниот безбедносниот товар. Но, може да обезбеди дигитална и нуклеарна технологија, инвестиции и дипломатски пристап. 

Големата иронија е што нова војна за потврдување на американската надмоќ повторно ја урива позицијата на САД во Заливот. Со воената инвазија врз Ирак, претседателот Џорџ В. Буш практично го елиминираше главниот ирански противник и му овозможи на Техеран да наметне свое влијание врз Багдад. Војната на Трамп со Иран ризикува сличен стратешки пресврт. Со неуспехот да го заштити својот сојузник и со поставувањето на неприфатливи политички услови за соработка, Трамп го охрабрува Ријад да бара безбедност на друго место.

Војната на Буш помогна Ирак да му се предаде на Иран. Војната на Трамп може да помогне Саудиска Арабија да ѝ се предаде на Кина, заклучува Сезнек.

******
Види и: САД склучиле пакт за ненапаѓање со хутите
Неочекуван тонч од Саудијците за Трамп
Додека преговара за САД, Кушнер собира пари од Блискиот Исток за својата фирма 

22 септември 2026 - 13:24