Кушнер ја основа инвестициската фирма Афинити партнерс во 2021 година, кога заврши првиот претседателски мандат на Доналд Трамп. Во првата администрација Кушнер немаше официјална позиција, но кога подоцна собирал инвестиции се потпирал на неофицијалните контакти.
Откако Трамп се врати во Белата куќа и го назначи својот зет на највисоката дипломатска позиција за Блискиот Исток, Кушнер објави дека ќе ги замрзне активностите во својата компанија за да избегне судир на интереси.
Не мора да собираме капитал во следните четири години, изјави тогаш.
Но, извори на Њујорк тајмс тврдат дека претставници од компанијата на Кушнер веќе одржале средби со Фондот за јавни инвестиции на Саудиска Арабија (ПИФ) на чело со престолонаследникот Мохамед бин Салман. ПИФ - најголемиот и најран инвеститор, инвестираше 2 милијарди долари во Афинити во периодот кога претседател на САД беше Џо Бајден.

Кушнер наводно побарал поголема финансиска поддршка и од другите суверени фондови од Обединетите Арапски Емирати и Катар, кои претходно инвестираа во Афинити.
Кушнер, кој беше официјален делегат на САД на Светскиот економски форум во Давос, ја искористил посетата на Швајцарија за да одржи приватни состаноци со меѓународни бизнис лидери, од кои побарал милијарди долари нови инвестиции за Афинити, тврдат изворите на Тајмс.
Пред само неколку недели, зетот на Трамп ги претставуваше САД и на преговорите со министерот за надворешни работи на Иран во Женева, непосредно пред Трамп и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху да му објават војна на Иран.
Во материјалите доставени до потенцијалните инвеститори оваа година, Афинити посочи дека повеќе од три четвртини од приближно 5 милијарди долари што ги собрала од своето основање биле вложени во компании како израелската Феникс Фајненшл. Внатрешни проекции на Афинити сугерираат дека компанијата остварила стапка на поврат од средствата од околу 25%.