Неочекуван тонч од Саудијците за Трамп

Трамп објави дека го запира Проектот Слобода поради „голем напредок“ во напорите за мировен договор со Иран. Дипломатија секако имало, но вистинската причина за откажувањето била тоа што САД не можеле воопшто да ја спроведат операцијата. Саудијците, гневни поради ризикот од ескалирање, се заканиле дека ќе го затворат својот воздушен простор за американски авиони.

Доналд Трамп ги изненадил своите сојузници од Заливот кога во неделата попладне на својата социјална мрежа го најави Проектот Слобода како „хуманитарна“ воена операција за придружување на товарните бродови заглавени во Персискиот Залив поради иранската блокада на Ормускиот проток.

Саудиска Арабија жестоко реагирала поради тоа што Трамп без претходни консултации и координации ја објавил операцијата, оценета како потег од висок ризик што може да го ескалира конфликтот. Кралството предупредило дека нема да дозволи американски воени авиони да ја користат воздухопловната база Принц Султан југоисточно од Ријад и дека ќе го затворат целиот саудиски воздушен простор за прелет на американски авиони.

Трамп телефонски разговарал со саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман, но не го решил проблемот, па по само 36 часа и два поминати брода низ теснецот објави дека Проектот Слобода е „паузиран за краток временски период за да се види дали со Иран може да се финализира и да се потпише договор за крај на војната“.

Дипломатските напори со посредство на Пакистан реално напредувале, но непосредната причина била оперативна, а не политичка. Без поддршка од воздух, САД едноставно не можеле да ја спроведат операцијата.

И другите американски сојузници од Заливот биле изненадени од одлуката на Трамп. Тој контактирал со лидерите на Катар и на Оман дури откако операцијата почнала. Катарскиот емир ја нагласил важноста за деескалација на војната и предупредил на импликациите од Проектот Слобода врз поморската безбедност и глобалните синџири на снабдување.

Во времето кога Трамп ја запре операцијата, САД веќе испратиле голем број дополнителни бродови кон Заливот за да го деблокираат Ормускиот проток, потврдил за НБЦ анонимен функционер во Вашингтон.

Поради географијата, потребна е соработка од регионалните партнери за да се искористи нивниот воздушен простор покрај нивните граници. Воените прелети се клучни за заштита на бродовите за време на Проектот Слобода, обезбедувајќи им одбранбен чадор, изјави функционерот.

Американските сили имаат договори со своите регионални сојузници за пристап до воени бази. Но, борбените авиони, воздушните танкери и авионите за поддршка мораат да бараат дозвола за летање од земјите домаќини. Саудиска Арабија и Јордан се клучни за користењето на воените бази, Кувајт е важен за прелет, а Оман за прелет и за поморска логистика.

7 мај 2026 - 09:45