
Агенцијата на ЕУ за азил во мај регистрирала 64.000 барања за азил, што е за речиси една четвртина помалку во споредба со истиот месец лани. Бројот на Сиријци што побарале азил драстично опаднал од 16.000 во октомври минатата година на само 3.100 пред два месеца.
Соборувањето на режимот на Асад во Дамаск во декември придонело вкупниот број на баратели на азил во Германија да се намали од 18.700 на 9.900 за рок од една година. Германија беше главната дестинација за Сиријците.
Шпанија сега е земјата соочена со најголем број барања за азил. Според извештајот на Агенцијата, во мај имало 12.800 барања, што исто така е помалку во споредба со лани, кога имало 16.300. За Шпанија е специфично што се зголемува бројот на азиланти од Венецуела, кои бараат заштита од „тешката економска и политичка криза“ во земјата. Овој тренд се поврзува и со засилените напори на администрацијата на претседателот Доналд Трамп за запирање на нелегалната миграција од латиноамериканските земји во САД.
Италија е на второто место, со 12.300 барања за азил во мај, што е намалување од 15.500 лани. Една третина од азилантите се од Бангладеш и од Перу. На третото место е Франција со 11.900 барања (лани имало 12.500), главно од Конгоанци кои бегаат од конфликт во нивната матична земја, како и од Авганистанци и Хаиќани.
Големо влијание врз општото намалувањето на бројот на барања имаат и построгите мерки на низа европски земји да ја ограничат нелегалната миграција. Вкупно 17 европски земји го укинаа или го замрзнаа одобрувањето на азил за апликантите од Сирија, тврдејќи дека по промената на режимот повеќе не се загрозени во нивната земја. Како средство за одвраќање Данска бара начини да депортира нелегални мигранти во трети земји.
И покрај новиот тренд, Германија останува земјата со најголема популација на баратели на азил во Европа. Во периодот од 2008 до 2024 година им доделила азил на 150.000 лица, во споредба со 65.200 во Франција, 50.900 во Шпанија и 40.000 во Италија, покажуваат податоци од Евростат.
******
Види и: Стаса време за депортирање Сиријци од Европа