Секојa 20-та смрт во Канада е од еутаназија

Смртта со инјекција асистирана од лекар, заведена како Медицинска помош при умирање (MAiD), сега сочинува над 5% од сите смртни случаи во Канада. Овие случаи се губат во статистиките, бидејќи здравствените власти не ги пријавуваат како еутаназија, туку како причина за смрт ја наведуваат тешката болест на лицата што решиле да се простат со животот.

Владината агенција Здравје Канада објави дека лани имало над 16.499 случаи на еутаназија, што претставува 5,1 процент од вкупните смртни случаи во Канада. Во извештајот се наведува дека тоа е мало зголемување од 0,4% во споредба со 2023 година. Во претходната година зголемувањето било 6,9%, а највисокото од 36,8% било регистрирано од 2019 до 2020 година, што се поклопува со пандемијата на ковид.

Агенцијата забележува дека MAiD не се смета за причина за смрт од страна на Светската здравствена организација и затоа одбива статистички да го споредува со другите причини или да го рангира како пропорција од сите починати лица.

Најновите извештаи покажуваат дека еутаназијата е шестата најчеста причина за смрт во Канада. Сепак, таа не е наведена меѓу десетте водечки причини за смрт на Статистика на Канада од 2019 до 2022 година. Се запишува тешката болест од која страдале луѓето.

Владата на Канада ќе продолжи да работи за да се осигури дека законодавството за MAiD ги одразува потребите на луѓето во Канада, ги штити оние кои може да бидат ранливи и ја поддржува автономијата и слободата на избор, се тврди во извештајот.

Според деталните податоци од извештајот, огромно мнозинство од случаите на MaiD биле од првата категорија – прекратување на животот на лица во тешка здравствена состојба, чија смрт била очекувана. Извештајот открива дека 63,6% од Канаѓаните кои биле еутаназирани пријавиле рак како основна медицинска состојба. 

Другите 4,4% случаи биле извршени согласно волјата на лица што не се смртно загрозени, туку ја изгубиле волјата за живот поради тешки хронични здравствени проблеми. Здравје Канада наведува дека една четвртина од барањата за MAiD биле одбиени како несоодветни

Интерни документи што протекле од лекари од Онтарио во 2024 година покажуваат дека се повеќе Канаѓани избираат еутаназија поради финансиски тешкотии или осаменост, а не поради наводна неизлечива состојба. 

3 декември 2025 - 16:46