Анкетата на Центарот за истражување на јавни работи и Асошиејтед прес потврдува драматична ерозија на поддршката од Американците за Израел. За ова прашање се губи политичкиот јаз помеѓу демократите и републиканците.
Севкупно, 30% од возрасните Американци денес се убедени дека Израел извршил геноцид врз Палестинците во Газа. Околу 20% тврдат дека немало геноцид, а една половина од анкетираните истакнале дека немаат доволно информации за да пресудат.
Впечатливо е што и 30% од возрасните Евреи во САД сметаат дека Израел извршил геноцид, но 49% ја отфрлаат таквата квалификација.
Харолд Калмус, демократ со еврејско потекло од Делавер изјавил за АП дека во младоста се гордеел со Израел, но не повеќе.
Свесен сум дека постои закана од Хамас и свесен сум дека Израелците се во многу тешка ситуација, но она што го направија е едноставно неопислив ужас. Тие се обидуваат да уништат една цивилизација, вели Калмус.
Според Министерството за здравство на Газа, кое е под контрола на Хамас и не прави разлика меѓу загинати цивили и милитанти, во Газа загинале повеќе од 73.000 Палестинци, вклучително и над 1.000 откако беше прогласен прекин на огнот. Во извештаи на Обединетите нации израелската операција во Газа беше оценета како геноцид.
Меѓународниот кривичен суд во Хаг распиша меѓународни потерници по премиерот Бенјамин Нетанјаху и поранешниот министер за одбрана Јоав Галант, обвинувајќи ги за воени злосторства и злосторства против човештвото, но не и за геноцид.

Анкетите што се спроведуваат во САД покажуваат постојано опаѓање на симпатиите кон Израел уште од 2020 година и остар пад откако почна војната во октомври 2023 година.
Повеќето од оние што изградиле цврст став сметаат дека била оправдана првичната одмазда за терористичкиот напад на Хамас во кој беа убиени повеќе од 1.200 израелски цивили и војници. Но, мнозинството не гледа оправдувања за безмилосните долгорочни операции во кои Газа беше срамнета со земја. Меѓу анкетираните Евреи во САД, три четвртини ја поддржале првичната одмазда, но за само 40% подоцнежните операции.