По смртта на - во многу работи уникатниот - Антонин Скалија (види овде) доста работи се усложнија околу американскиот Врховен суд. Еве еден пример кој не е политички: по неговата смрт една компанија реши вонсудски да се нагоди и да изброи 835 милиони долари. Фирмата Доу Кемикалс имаше обжалено една судска одлука по која требаше да плати отштета од една милијарда долари. Но, откако Скалија го нема во равенката на Врховниот суд, проценија дека се мали шансите да го добијат спорот па си платија ко попчиња.
На политички план влогот е уште поголем. Ако памтите, изборите Буш-Гор беа толку тесни што за победникот мораше да решава Врховниот суд. Лесно е тие да донесат одлука кога се во полн состав, со непарен број судии. Но, без Скалија, сега се осуммина.
Врховни судии предлага американскиот претседател. Сиве овие години Републиканците го кочеа Обама и за помали работи, не па за волку важно прашање. Всушност, заради таквата неможност да му помине закон во Сенатот, тој повеќето свои одлуки мораше да ги спроведе како извршни наредби кои имаат сила на закон но проблем е што следниот претседател може веднаш да ги укине.
А Републиканците од Сенатот одамна најавија дека нема да му дозволат на Обама да го пополнува испразнетото место во Врховниот. Се повикуваат на едно непишано правило дека претседател на заминување не се бави со крупни прашања. Особено не да бира судии во изборна година. Демократите имаат аргументи дека тоа правило не секогаш било почитувано а и дека не е уставно. Тоа, по нив, е уште едно продолжување на деструктивната политика да се кочи сè што доаѓа од другата страна, што своевремено доведе до комплетно блокирање на државата, јалова финта што ја замесија Републиканците филибастирајќи ги реформите во здравството. Џабе, јер поминаа.
Во една таква ситуација, Обама повлече маестрален потег. Сепак предложи кандидат за Врховен судија ама таков што против него Републиканците тешко дека можат принципиелно да зуцнат било што. Понуди кандидат од централно-конзервативна природа, Мерик Гарланд, кого во минатото Републиканците го имаат искинато од фалење:
Со овој потег, картите дополнително се измешаа, влоговите се зголемени а играчите запалени да ја изиграат партијата до крај. Како што пишува Њујорк тајмс, веќе се закажани стотина протести и контра-протести од лево и од десно во клучните изборни држави.