Само една земја е способна самата да се нахрани

Ако по некој случај се воведат тотални трговски бариери, една единствена земја во светот произведува доволно храна од седумте основни видови за да може да го прехрани своето население, покажува ново истражување. Шест земји се апсолутно зависни од увоз на храна. Ние сме некаде во златната средина. Ниви и бавчи имаме за орање, но од каде ни риба кога си немаме море?

Гвајана е единствената земја во светот што произведува доволно храна од седумте основни категории за да го прехрани сопственото население, заклучиле истражувачи од Универзитетот во Гетинген во Германија и Универзитетот во Единбург, по анализа на податоци за производство на храна од 186 земји.

Како основни групи биле дефинирани производството на овошје, зеленчук, месо, риба, жита и скроб, мешунки и млечни производи.

За самоодржливоста на Гвајана придонесуваат географијата и демографијата. Се наоѓа на плодниот раб на Амазон, близу до екваторот, со пристап на море. Осум пати е поголема од Македонија, а има 860.000 жители. 

Кина и Виетнам се второпласирани и единствените две земји на листата што произведуваат доволно храна за да ги задоволат потребите во шест категории. Секоја седма земја ја исполнува квотата во пет или повеќе групи на храна, а повеќе од една третина се самоодржливи во две или помалку групи. Шест земји: Авганистан, Обединетите Арапски Емирати, Ирак, Макао, Катар и Јемен не се во можност самите да ја задоволат потребата за храна во било која од категориите.

Слаби резултати покажуваат и економските унии. Ниту една не произведува доволно зеленчук за да го нахрани населението на сите членки.

Своите потреби земјите ги задоволуваат со трговија, но голем број имаат по само еден голем трговски партнер, од кој увезуваат повеќе од половина од храната, што ги прави ранливи на пазарни и трговски шокови.

Меѓународната трговија и соработка со храна се од суштинско значење за здрава и одржлива исхрана. Одржувањето на разновидни трговски мрежи меѓу земјите и регионите е клучно за идните резерви на храна. Реципрочните тарифи не помагаат, забележува Јонас Штел, економист за развој на Универзитетот во Гетинген.

Македонија, според истражувањето, со своето земјоделство и сточарство целосно ги задоволува потребите за овошје, зеленчук и млечни производи. Блиску до самоодржливост сме според производството на жита и скроб, нешто послабо стоиме со мешунки, а риба немаме доволно ни за 20% од жителите. Единствени во Европа сме што самите не произведуваме доволно месо за да се прехраниме.

5 јуни 2025 - 09:01