САД во април здраво го наполниле буџетот

САД се најголемата машина за задолжувања и трошоци. Најновиот месечен извештај на Министерството за финансии донесе ретко изненадување. Буџетски суфицит и тоа втор според износ во историјата. Дали тоа значи дека планот на претседателот Трамп функционира? Тарифите скромно помогнале, но еден добар месец не може да ја пополни големата дупка во буџетот.

Во април 2025 година САД оствариле историски суфицит од 258,4 милијарди долари, прв во оваа година и втор највисок воопшто, по април 2022 година. Федералната влада во изминатиот месец собрала приходи од 850,2 милијарди долари, а потрошила 591,8 милијарди

Април е месецот во кој стигнуваат завршните плаќања на даноците од претходната година и првата рата од кварталните проценети даноци за многу поединци и бизниси.

Министерството за финансии соопшти дека персоналните даноци на доход донеле 537 милијарди долари. Следуваат приходите од социјалното осигурување и пензионирањето со 184 милијарди долари, а даноците на корпоративните приходи додале уште 94 милијарди.

Царините, во контест на тарифите што ги наметна претседателот Доналд Трамп, наполниле само 15,6 милијарди долари, но тоа е два и пол пати повеќе од истиот месец лани.

Најголемите трошоци биле за социјалното осигурување - 132 милијарди долари, за нето камати 89 милијарди долари, 82 милијарди за програмата Медикер, 76 милијарди за здравство и 70 милијарди за национална одбрана.

И покрај големиот суфицит, еден силен месец не е доволен за да се смени поширокиот фискален тренд. Од 1 октомври до 30 април, американската влада остварила приход од 3.110 милијарди долари, но потрошила 4.159 милијарди, што значи дека дефицитот за оваа фискална година достигнал 1.049 милијарди. Тоа го крена националниот долг на 36.212 милијарди долари.

19 мај 2025 - 16:37