Американските разузнавачи не веруваат дека од случајот со тројцата заболени научници може да се заклучи дека пандемијата се прошири од случајно протекување од лабораторија.
Во извештајот од 10 страници се објаснува дека научниците од Институтот за вирологија во Вухан истражувале коронавируси, во некои случаи и со неадекватни безбедносни мерки, и работеле на генетски измени на вирусите. Меѓутоа разузнавачите не откриле ништо што ги наведува на тоа да заклучат дека работата во лабораторијата ја предизвикала пандемијата.
Од повеќе од дузина различни агенции и организации од кои е составена американската разузнавачка заедница, две веруваат дека протекувањето од лабораторија е најверојатната причина за започнување на пандемијата, пет се наклонети кон теоријата дека болеста е пренесена од животни на луѓе, а ЦИА и уште една агенција „и понатаму не можат да го утврдат точното потекло на пандемијата имајќи ги предвид спротивставените информации.“
Тоа што ги буни американските шпиони е дали тројцата вработени во Институтот во Вухан имале ковид или некоја болест со слични симптоми. Заради што трите случаи ќе се водат дека не можат да помогнат во утврдување на потеклото.
Откако и Трамп и Бајден нарачаа истраги околу потеклото на ковидот кои не дојдоа до конкретни одговори, дел од американските функционери веќе се сомневаат дека разузнавачите некогаш ќе имаат задоволителен заклучок, делумно и заради тоа што Кина не соработувала со меѓународната истрага, а Пекинг не е нешто посебно заинтересиран за продлабочување на истрагата.