
Укинувањето на ограничувањата за емисии на стакленички гасови е во согласност со ветувањата на претседателот Доналд Трамп да им овозможи на Американците да ги напојуваат домовите и да управуваат со бизниси. ЕПА предлага и разлабавување на регулативите што ги обврзуваат електраните да ги намалат емисиите на жива и други токсични загадувачи.
Новите правила ќе помогнат да заврши војната што администрациите на Џо Бајден и на Барак Обама ѝ ја објавија на енергијата. Американците јасно го кажаа својот став во ноември. Ние бараме прагматични и разумни решенија што ќе помогнат да се намалат трошоците за живот... да се создадат работни места и да почне златна ера на просперитет, тврди aдминистраторот на ЕПА, Ли Зелдин.
Еколошките групи го оценија овој потег како опасен и најавија дека ќе го оспорат на суд. Тие објаснуваат дека плановите на Бајден биле насочени за подобрување на условите во областите погодени од индустриско загадување, главно заедници со ниски приходи и со мнозинство црни или латиноамерикански заедници. Администрацијата на Бајден тврдеше дека мерките долгорочно ќе спречат штета од 370 милијарди долари.
ЕПА тврди дека CO2 и другите стакленички гасови од електраните на фосилни горива „не придонесуваат значително“ кон опасно загадување или климатски промени и не го надминуваат прагот дефиниран во Законот за чист воздух.
Емисиите на стакленички гасови од електраните на јаглен и гас се мал дел од глобалните емисии и постојано се намалуваат. Приоритет на оваа администрација е да го промовира јавното здравје и благосостојба преку енергетска доминација и независност, соопшти Агенцијата.
Директорот на Националната асоцијација за рударство, Рич Нолан, оцени дека новите правила „ги отстрануваат намерно недостижните стандарди за чист воздух и го израмнуваат полето за игра во индустријата“.
Повеќе од 200 здравствени експерти вчера во отворено писмо ја предупредија ЕПА дека мерките за стакленички гасови и за жива ќе доведат до „најголемо зголемување на загадувањето во последните децении“ и дека се „очигледен подарок за загадувачите“.