Неделава Русија ракетираше мети (авионски бази, аеродроми и центри за обука на пилоти) на некои си 1.000 километри од фронтот. Само во вторникот, според украински извори, лансирани се 28 крстосувачки ракети, од кои 16 се пресретнати.
За да не им успее планот на Русите, Украинците сега почнаа со редовно селење, на дневно ниво, на клучното оружје (авиони + ракети) и клучниот персонал.
Рускиот лов се должи на успешноста што до сега ја имаа британските Сторм шадоус и француските Скалпови, во уништување на клучни руски локации (главно штабови и магацини со оружје) од голема далечина.
На сите напади што ги извршија со дронови на руска територија, Украинците за сега не ни размислуваат да истрелаат некоја ракета вон своите граници, од страв дека тоа ќе стави крај на западната помош, барем во делот со ракетите. Украина најголемиот дел од своите залихи на ракети (С-300 и Бук) ги потроши уште во првите месеци од инвазијата и сега главно зависи од западната помош.
Таргетирањето аеродроми и залихи е и превентивно за да не се дозволи Украина да стекне капацитети да почне да ги ракетира базите на Крим, што потенцијално би ја избркало руската војска од полуостровот.
„Русите знаат дека се екстремно ранливи. И најлошата работа што може да им се случи е Украина да добие капацитети за редовно и прецизно гаѓање на базата на црноморската флота во Севастопол, авионските бази и логистичките центри,“ објаснува поранешниот командант на американските сили во Европа, генерал Бен Хоџс.