Се работи за Валериј Звегинцев, Анатолиј Маслов и Александер Шипљук, сите тројца научници вработени во сибирската филијала на Институтот за теоретска и применета механика на руската Академија на науки во Новосибирск.
Што е точно предавството на тројцата не е официјално соопштено, а апсењето го потврди и портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков кој само изјави дека против нив има „многу сериозни обвиненија“. Казната за делото за кое се товарат е до 20 години затвор.
Тројцата академици се уапсени во текот на повеќе месеци, а нивните случаи се актуелизираат откако повеќе руски научници објавуваат отворено писмо во кое се противат на апсењето на своите колеги, тврдејќи дека овие случаи предизвикале страв меѓу научниците и предупредуваат дека тоа може да доведе до колапс на тековните воено-истражувачки проекти.
Маслов бил уапсен во јули наводно затоа што на Кина и предал тајни податоци од хиперсоничните истражувања, Шипљук е уапсен еден месец подоцна, а за апсењето на Звегинцев се дозна дури од отвореното писмо на руските научници и наводно тој изминатиов месец е во домашен притвор. Звегинцев, кој е автор на над 300 научни трудови, е уапсен во врска со текст што го напишал за ирански журнал на тема динамика на гасови.
Летоска наводно е уапсен и четврти научник од Новосибирск, Дмитри Колкер, кој боледувал од рак на панкреас и починал додека бил во притвор.
Научниците го координирале истражувањето за развивање на Кинжал ракетите, конкретно делот околу неговата хиперсонична брзина. По соборувањето на Кинжал ракетите над Киев западната јавност почна да се сомнева дека Русите навистина успеале да направат вистински хиперсонична ракета.