Израелски фирми шпионираат преку онлајн огласи

Бизнисот со онлајн рекламирање, освен што отвора сериозни прашања за нарушување на приватноста, може да послужи и како канал за големи шпионски кампањи. Израелската фирма за дигитално рекламирање помагала да бидат идентификувани и следени корисници кои посетувале одредени страници на интернет или користеле апликации со малициозни реклами.

Израелската фирма Discover-Tech објавува најмалку 10 милиони реклами дневно низ целиот свет, кои достигнуваат до повеќе од 120.000 веб-страници и 75.000 апликации преку различни партнерства. Аранжманите за споделување податоци ѝ овозможуваат да ги следи луѓето дури и надвор од дофатот на нејзините реклами. Понекогаш се обидувала да извлече и телефонски броеви од корисници, покажуваат извештаи на канадската група за надзор на кибернетските мрежи CitizenLab и њујоршката Confiant.

Некои реклами се користеле за да се постави шпионски софтвер од израелската компанија Candiru - која од 2021 година е на црната листа на американската влада - за да се добие пристап до рекламни платформи управувани од Гугл, Комкаст или руската Јандекс.

Начинот на кој функционира онлајн рекламирањето денес е системска закана за безбедноста на државите, приватниот сектор и граѓанското општество, вели Волфи Кристл, истражувач во CitizenLab.

Моќниот софтвер на Candiru, дистрибуиран преку реклами на Discover-Tech, бил искористен за компромитирање на 45 уреди со оперативен систем Windows во катарската телевизија Ал Џезира во периодот од 2024 и 2025 година.

Џером Дангу, коосновачот на Confiant, тврди дека злонамерните реклами им биле прикажувани на корисници во стотици мрежи во чувствителни сектори, вклучувајќи ги Пентагон, Меѓународната агенција за атомска енергија и Меѓународниот кривичен суд. Одредени региони, како Палестинските територии, биле особено преплавени со реклами од израелската фирма.

Ако посетите кој било палестински веб-сајт ќе наидете на реклама од Discover-Tech. Тоа им овозможува целосен увид во дигиталните активности на цела земја, вели Дангу.

Citizen Lab открил докази дека малициозните реклами им биле прикажувани на службеници во Обединетите нации, НАТО, Европската комисија, како и во повеќе од десетина национални влади. Рекламите се појавиле и во мрежите на компании од секторот за чипови, како што се Nvidia, Sandisk, Broadcom и Micron, како и во неколку медиумски организации во Мексико, Израел и Европа, кои не се конкретно идентификувани.

Надзорот што се спроведува преку рекламирањето сè повеќе се смета за закана по националната безбедност. Пентагон неодамна соопшти дека американските сили распоредени во воени зони биле цел на напади со користење податоци за локацијата, кои биле прибрани од компании за рекламни технологии и посредници со податоци. Поради тоа, одредени гранки на војската го оневозможија следењето за рекламни цели на своите уреди.

17 октомври 2026 - 11:47