Маск во август го пофали „крипто-царот“ Брајан Армстронг кога изјави дека нема намера да донира во добротворни цели или да се занимава со каква било форма на филантропија. Маск смета дека повеќе придонесува за човештвото со работите што му носат профит: со ползата од електричните автомобили, истражувањата на вселената и проширувањето на границите на политичката дебата преку неговата платформа X.
А сепак, Маск ја има петтата најголема приватна добротворна фондација во Америка, која според последниот биланс има 14,7 милијарди долари – нешто помалку од Фондацијата Форд и двојно повеќе од Фондацијата Рокфелер. За разлика од овие повеќедецениски „икони на филантропијата“ Фондацијата Маск речиси ништо не кажува за својата работа. На веб-страницата во 33 зборови ги наведува каузите што ги поддржува: обновлива енергија, истражување на вселената и безбедност од вештачка интелигенција. Организацијата ја водат само тројца – Маск лично и двајца членови на неговата семејна канцеларија: Џаред Бирчал и Матилда Сајмон. Фондацијата не исплаќа плати, а тричлениот раководен тим ѝ посветува вкупно 2,1 час неделно.
Сè се сведува на еден телефонски повик и чек, а потоа, на крајот од годината, ние испраќаме извештај, објаснува Карим Мегџи од непрофитна образовна организација која добила донација.
Анализа на даночните пријави од 2020 до крајот на 2024 година укажува дека Маск, како и многумина мултимилијардери, ја користи филантропијата за да ги минимизира даноците. Најголемите вложувања - вкупно 8 милијарди долари во акции на Тесла – се регистрирани во 2021 и 2022 година, кога се соочи со огромна даночна сметка поради набрзина стекнатото богатство.

На крајот од 2024 година, книговодствената вредност на акциите што ги поседува Фондацијата Маск беше околу 5,7 милиони долари, додека нивната пазарна вредност беше проценета на 14 милијарди долари.
Основачите на фондации извлекуваат двојна корист од ваквите донации. Од една страна избегнуваат плаќање данок на капитална добивка на акциите со релативно ниска вредност, а потоа можат да побараат добротворен одбиток врз основа на далеку повисоката пазарна вредност на акциите, објаснува Брајан Митендорф, експерт за сметководство при Универзитетот на Охајо.
Според американските закони, филантропите може да добијат даночни овластувања само ако секоја година вложуваат по најмалку 5% од средствата на фондациите во добротворни цели. Многу фондации повремено ја пропуштаат целта. Фондацијата на Маск, пак, во изминатите четири години внимателно го користела грејс-периодот на доцнење од една година за да го задоволи потребното ниво на донации што носи даночни повластици. Последните пријави за 2024 година покажуваат дека должи 400 милиони долари.
Сомнително е и каде завршуваат донираните пари. Речиси една десетина од вкупно 1 милијарда долари исплатени во периодот од 2020 и 2024 година ѝ биле доделени на Fidelity Charitable, која управува со сметки што им овозможуваат на донаторите на неопределено време да чуваат пари наменети за добротворни цели (DAF), и тоа без никакви известувања.
Не постои правило против добротворни приватни фондации што донираат на DAF. Ваквите трансфери се спротивни на духот на правилата. Само префрлаш пари од еден сад во друг, вели Митендорф.

Огромно мнозинство од донациите завршиле кај организации поврзани со фирмите на Маск. Повеќе од 58% биле пренасочени кон The Foundation - добротворна организација предводена од Бирчал, регистрирана на иста адреса со Фондацијата Маск. Според даночната пријава за 2024 година, целта на оваа организација е „изградба на училишта посветени на наука, технологија, инженерство и математика“.
Маск го финансираше приватното училиште „Ад Астра“, лоцирано близу поранешното седиште на SpaceX во Калифорнија. Во „Ад Астра“ биле запишани помалку од 50 ученици, вклучувајќи ги и децата на Маск. Во план е отворање ново училиште во Тексас –каде што е преместено седиштето на SpaceX.
Ако се исклучат Foundation и Fidelity, просечниот износ на донациите од Фондацијата Маск во 2024 година изнесувал помалку од 1,4 милиони долари. Средствата биле наменети за најразлични цели – од заштита на морските лавови до медицина поврзана со 'рбетниот столб. И тоа е сомнително поради неговата фирма Neuralink, која развива технологија за вградување чипови во мозокот.
******
Види и: Филантропијата е заробена во идеологија