Полна уста напредок, полни очи сиромаштија

Секоја година во Њујорк се состануваат хуманитарци, филантропи и бироктрати, презадоволни од себе и својот удел во борбата против сиромаштијата. Реалноста функционира малку поинаку. Навистина ќе дадат пари, ама откако од сумата ќе ги одземат огромните трошоци на нивните експерти кои ја проценувале состојбата и се запознавале со ситуацијата. 

„Oбидувајќи се да го подобриме животот во некој дел од нашата земја, се обраќавме до Обединетите нации. Нивниот тим доаѓаше и детално ги проучуваше нашите потреби неколку месеци. После тоа, се враќаа во Њујорк за да ја презентираат студијата. Овој процес обично траеше со месеци. Кога ќе завршеше дискусијата во комитетите на ОН, специјална комисија се враќаше на терен, за да ги проверат трошоците. Ако се донесеше позитивна одлука, пари навистина легнуваа на сметка на државата но таа сума беше само нешто повисока од сумата потребна за покривање на трошоците на нивните експерти. На крајот на ваквите големи медиумски шоуа, тие се враќаа дома задоволни од себе и своите здебелени паричници, а луѓето на кои им помогнале ќе мораа повторно да побараат помош само по неколку месеци“.

Вака ситуацијата и односите меѓу ОН и неговата земја уште пред 30 години ја опишуваше суданскиот министер за мир и развој, Фадил ел Сидик Абугисеса.

Ништо не е сменето.

Во пресрет на овогодинешното Генерално Собрание на ОН, Економист презентираше анализа со обесхрабрувачки бројки, презентирани со очигледен цинизам.

„Ако го споредиме денешниот свет со светот во 2000 година, една милијарда луѓе успеале да ја надминат границата на сиромаштија, која некој ја поставил на 2,15 долари дневно. Во оваа прилика, секоја година од почетокот на милениумот, избрана група на хуманитарни работници, бирократи и филантропи кои себе си ја припишуваат заслугата за ова, се состануваат на маргините на Генералното собрание на ОН за да го прослават позитивниот напредок во глобалната имплементација на нивниот "одржлив развој“. И сега ќе бидат таму, повторно задоволни од себе“.

Бројките покажуваат дека речиси сиот напредок во борбата против сиромаштијата е постигнат во првите 15 години од овој век. Потоа напредокот е сериозно забавен.

Во 2022., бројот на луѓе кои се отргнале од сиромаштија е за една третина помал отколку во 2013 година. Забавен е и напредокот во борбата против заразните болести кои се во пораст во најсиромашните земји.

Поглед на реалниот живот на сиромашните: просечниот број на смртни случаи на доенчиња во земјите во развој падна помеѓу 2000 и 2016 година од 79 на 42 случаи на 1.000 раѓања. Меѓутоа, до 2022 година, таа бројка падна само уште малку, на 37. Уделот на деца во основно училиште во земји со ниски приходи замрзна на 81 отсто во 2015 година. Башка се големите регионални разлики: сиромаштијата е минато во поголемиот дел од Европа и Југоисточна Азија но во поголемиот дел од Африка се чини дека е уште повкоренета отколку порано.

Согласно својот поглед на свет, Економист како лек предлага големо враќање кон корените на либерализмот и дерегулацијата, со враќање на државата во зоната на сервисни дејности.

Но, како што пишувавме пред некое време, некои бирократи немаат што друго да понудат освен да стануваат шампиони во регулација. Види во: „Брисел ја води Европа во небитност

 

28 септември 2024 - 16:55