Во фабриката на УВЗ во Нижни Тагил до сега се произведуваа десетина различни модели на воени возила, како и десетина модели на цивилни возила, како вагони за возови (товарни и цивилни) и метро системи. Освен што ништо од ова повеќе нема да се произведува во УВЗ, фабриката повеќе нема да прима ни тенкови на поправка, туку целиот капацитет ќе биде посветен само на производство на тенкови.
Дел од продуктите што до сега излегуваа од фабриката на УВЗ, сега ќе бидат префрлени за производство кај сестрински фирми под концернот Ростек, како Техмаш (кој ќе произведува хаубици Д-30А и топовски цевки за тенковите Т-72 и Т-90), Уралтрансмаш го добива производството на Мста-С самоодни хаубици, плус други делови за цивилна употреба, а кај Институтот Буревестник оди производството на дел од минофрлачите и артилериските системи.
Ваквото преструктуирање се смета за подготовка на Русија за враќање на советскиот концепт за повеќеилјадна тенковска флота.
Толкувањето на овие промени е дека заради војната во Украина, руското производство не може да ги задоволи барањата на руската армија, но дека и покрај војната со Украина, Русија може да се консолидира и да го зголеми производството.
Промените се во согласност со изјавите на Медведев од почетокот на годината дека Русија ќе почне со производство на 1.600 Т-90М тенкови. Тогаш беше проценето дека за да се случи ова Уралвагонзавод ќе треба да работи само на производство на тенкови.
Во 2021, месечниот капацитет за производство на тенкови на Уралвагонзавод се проценуваше на 30 до 35 примероци. УВЗ, меѓу другото, ги произведува моделите T-72, T-80, T-90 и T-14 Армата.