
Русија би можела да обезбеди мал нуклеарен реактор за мисијата до Марс што ја планира компанијата Спејс Икс на Илон Маск.
Русија може да понуди многу за мисија до Марс, бидејќи имаме нуклеарна технологија што е применлива, изјави Кирил Димитриев, специјалниот пратеник на претседателот Владимир Путин за меѓународна соработка.
Понудата е плод на дискусиите за обновување на билатералните односи помеѓу САД и Русија, што се водат во Саудиска Арабија паралелно со преговорите за крај на војната во Украина.
Москва очекува брзо укинување на санкциите што ѝ ги воведе Вашингтон за да ја развие економската соработка со САД.
За нуклеарниот реактор за леталото на Спејс Икс се разговарало и пред една недела. Наспроти хавариите на ракетите при двете последни лансирања, Илон Маск најави дека Старшип би можел да тргне кон Марс најдоцна до 2031 година. Неговиот план е во рок од 20 години да изгради „самоодржлива населба“ на Марс.
Вселенски амбиции има и Русија. Поранешниот шеф на агенцијата Роскосмос, Јури Борисов, лани изјави дека Русија и Кина разгледуваат планови за поставување нуклеарен реактор на Месечината најдоцна до 2035 година, за да се послужи како извор на енергија за изградба на лунарна населба.