Првата закана на Трамп кон БРИКС

Новоизбраниот и сè уште неинаугуриран претседател на САД, Доналд Трамп, им се закани на државите од БРИКС (Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужна Африка, подоцна проширени со Иран, Египет, Етиопија и Емиратите, плус дузина држави партнерки, плус 30-тина заинтересирани) дека ќе ги замава со драконски тарифи ако помислат да се еманципираат од доларот како валута за меѓународни финансиски транскации и почнат да прават конкурентна валута.

Доналд Трамп им се закани на деветте членки на БРИКС дека ќе им наметне тарифи од 100% за нивниот извоз во САД доколку решат да го бајпасираат доларот и почнат финансиски и трговски меѓусебе да „комуницираат“ со друга валута.

„Заборавете дека ќе продавате нешто на прекрасниот американски пазар ако решите да го заборавите доларот,“ им порача Трамп на земјите од сè посилниот глобален блок.

Трамп рече дека поминало времето кога САД само ќе стојат настрана и ќе гледаат како некои држави размислуваат да се тргнат од доларот.

Во БРИКС одамна се шушка за валута која би се користела за да се избегне доларот како резервна валута кој Америка сè почесто го користи за политички притисоци, но официјално тоа никогаш не била тема за која се дискутирало.

Пред ова за БРИКС, последните закани на Трамп беа 25% тарифи за Мексико и Канада затоа што не помагаат околу порозноста на границите, не само за луѓе, туку и за дроги и фентанил, како и 10% за Кина, поради старите, добро познати обвинувања за нелојална конкуренција.

1 декември 2024 - 09:54