Приемен со тестови за девственост

Град во Индонезија од следната година планира да воведе тест за невиност како еден од предусловите за сите девојчиња што сакаат да се запишат во средно училиште.

Директорот на Агенцијата за образование на градот Прабумули, веќе побарал во градскиот буџет за 2014-та да се планираат пари за проектот, кој предвидува проверки за невиност и за оние кои веќе се запишани. Евентуалните казни за запишаните ученички не се познати.

Свесен дека ова ќе предизвика бунт, тој сепак инсистира дека тестовите се неопходни заради тоа што се повеќе ученички имаат секс пред брак или се проституираат.

"Секоја жена има право на невиност, освен тоа, од ученичките не очекуваме негативно однесување. Заради ова следната година имаме намера да ја примениме оваа политика," изјавил директорот Х.М. Расјид.

Во Индонезија девојчињата се запишуваат во средно на 15 или 16 години. Според тамошните закони мажите смеат да стапат во сексуални односи на 19 години, а девојките треба да имаат 16. За хомосексуалците границата е 18 години.

Слична идеја во Индонезија имаше и во 2007-ма, меѓутоа властите се откажаа откако јавноста се побуни околу предлогот.

23 август 2013 - 14:28