Тоа што Њујорк тајмс го гледа на клипот е како проектил го осветлува вечерното небо над Газа и експлодира во воздух, за неколку секунди подоцна на земја да се види друга експлозија.
Снимката што ја прегледува Тајмс е од стримот во живо на Ал-Џезира, и според нив ракетата што се гледа на видеото не е истата што ја предизвикува експлозијата во болницата, туку таа експлодира во воздух на нецели пет километри подалеку.
Внимавајќи на своите формулации Тајмс пишува дека нивниот заклучок не дава одговор на тоа што ја предизвикало експлозијата во Ал-Ахли Араб болницата или кој е одговорен за истата, како и тоа дека тврдењето на американските и израелските разузнавачки агенции дека вината паѓа на залутана палестинска ракета и понатаму е веројатно.
„Но анализата на Тајмс фрла сомнеж врз еден од најобјавуваните докази што израелските функционери го користат за поткрепа на своите тврдења и го комплицира јасниот наратив што тие го туркаат,“ се објаснува во текстот на Њујорк тајмс.
Весникот собира и анализира повеќе видеа кои покажуваат дека пред експлозијата Хамас испукале десетици проектили од позиции југозападно од болницата, и дека експлозијата во болницата е конзистентна со „хаварисана ракета која паѓа далеку од својата мета со недотрошено гориво.“
Снимката исто така покажува и дека во близина на болницата се случува израелско бомбардирање и дека има две експлозии близу болницата во рок од 2 минути откако таа е погодена. Според портпаролот на израелската војска, израелските ракетни напади немале домет што би ја загрозил болницата, но тој одбива да каже колку бил оддалечен најблискиот удар.
Самата болница не е директно погодена, но проектилот завршува во дворот на болницата во која Палестинците беа собрани во надеж дека таму се безбедни. Самиот кратер од експлозијата е прилично мал, што Израел исто така го користи како аргумент во своја полза и дека експлозијата би можела да биде предизвикана од најразлична муниција. До сега Хамас нема покажано остаток од израелска муниција или физички доказ кој би потврдил дека Израел е одговорен за нападот.
Враќајќи се на видеото од Тајмс објаснуваат дека нивната анализа заклучила дека „ракетата (за која Израелците тврдат дека е залутаната ракета на Хамас) во видеото никогаш не била близу до болницата, таа е лансирана од Израел, а не од Газа и експлодира над границата меѓу Израел и Газа, на 5 километри од болницата“.
„За да утврди дека проектилот доаѓа од израелска територија, Тајмс ја синхронизира снимката од Ал-Џезира со други пет видеа што се снимени во исто време, вклучително снимка од израелската телевизија Канал 12 и камера за надзор во Тел Авив. Различните видеа даваат поглед на ракетата од север, југ, исток и запад.
Користејќи сателитски снимки за да се триангулира точката на лансирањето во овие видеа, Тајмс утврдува дека проектилот е лансиран кон Газа од блискиот израелски град Нахал Оз кратко пред смртоносната експлозија во болницата. Откритието одговара со заклучоците до кои доаѓаат и некои он-лајн истражувачи.
Дополнително, видеата покажуваат дека проектилот во снимката на Ал-Џезира е лансиран по баражот од палестински ракети што израелските функционери го сметаат за одговорен за експлозијата во болницата.
Видеата покажуваат дека од 18:59 на 17 октомври испукани се повеќе баражи на палестински ракети од две позиции југозападно и северозападно од Ал-Ахли Араб болницата. Огнените опашки на палестинските ракети се видливи на ноќното небо како што тие летаат на северозапад кон Израел. Минуваат повеќе од 25 секунди меѓу последната палестинска ракета и експлозијата во болницата.
Тајмс не може независно да го идентификува типот на проектил што е испукан од Израел, иако тој е лансиран од област во која се знае дека има Железна купола. Израелската војска тврди дека Железната купола не испукува пресретнувачки ракети кон Газа, и навистина ракетата видена на видеото може никогаш да не преминала на територија на Газа. Израелската војска тврди дека Железната купола не испукала ниту една пресретнувачка ракета во тоа време и таа област,“ пишува Тајмс.