Пописот на аеродромското обезбедување

Во 2013-та, низ обезбедувањето на аеродромите во САД минале 638,7 милиони патници, или 1,7 милиони патници на ден (што на дневна основа е околу 1,1 милион повеќе отколку во 2012-та). И покрај тоа што ТСА постои од 2001-ва, уште на некои не им е јасно што можат да носат со себе во авион.

Годинава ТСА има откриено 1.813 парчиња огнено оружје во рачниот багаж на патниците (што оди со нив во авионот), што е некаде околу 5 оружја на ден. Од овие, 1.477 биле со муниција. Најголем број се откриени на аеродромот на Атланта, 111 примероци.

Во споредба со минатата година има раст на запленетото оружје од 16,5% (257 парчиња повеќе).

Меѓу работите што патниците некако решиле дека е паметно да ги земат со себе во авион е и бомбашки елек кој се користи во самоубиствени напади. Елекот бил на инструктор за експлозиви и не бил активен, што за неговиот сопственик некако значело дека не треба да го пријави кај аеродромското обезбедување.

Во Сиетл во два одделни инциденти во багажот биле најден калап неактивен Ц4 експлозив и електронски детонатори, а на аеродромот во Чикаго е откриена муниција за базука од Втората светска војна. Се на се, откриени се 136 неактивни рачни гранати.

Од ладно оружје најмногу се откриени мали ловџиски ножеви, а имало и цел арсенал на шурикени и сличен прибор. Она што посебно изненадило е бројот на запленети мечови скриени во бастун.

24 јануари 2014 - 18:22