Полицијата во Англија им дозволува на осомничени да си го изберат полот

Родовата идеологија во Англија има приоритет над одлуките од Врховниот суд и при сериозни случаи на гонење криминалци. Полицијата им дава право на притворените осомничени лица по сопствена волја да го идентификуваат својот пол, што може да ги попречи истрагите и статистиките за криминал, особено за сексуални насилства, педофилија и силувања.

Полицијата во англискиот град Норфолк потврди дека „во повеќето случаи“ го евидентира родот со кој се идентификуваат осомничените лица, а не нивниот вистински пол. Групи за права на жените предупредуваат дека оваа бизарна политика ги искривува статистиките за криминалот и го замаглува фокусот на безбедноста на жените и девојчињата.

Полицијата во Норфолк ја заведува јавноста на која ѝ служи. Тие ја претпочитаат идеологијата пред точноста. Како овие податоци може да користат за да се спречи криминалот и да се зголеми безбедноста на жените и девојчињата? Не може. Нашата полиција мора да се врати на евидентирање на полот за да ја врати довербата, точноста и за да се усогласи со законите, протестира Ермин Ејмис од Мрежата за права на жените.

Во април минатата година судиите од Врховниот суд едногласно пресудија дека термините „жена“ и „пол“ во Законот за еднаквост од 2010 година се однесуваат на биолошкиот пол и не зависат од тоа како се идентификуваат лицата. Тоа значи дека за сите случаи поврзани со законите важи полот на лицето евидентиран при раѓањето.

Независна истрага спроведена претходно од Универзитетскиот колеџ во Лондон откри случаи на занемарени пресуди поради тоа што не бил евидентиран биолошки пол.

Хелен Џојс од организацијата „Полот е важен“ оцени дека е скандалозно тоа што полицијата во Норфолк се уште ја спроведува политиката, речиси цела година по одлуката на Врховниот суд.

Мажите извршуваат многу повеќе злосторства од жените, особено насилни и сексуални злосторства. Дури и мал број мажи евидентирани како жени сериозно ги искривува статистиките за криминал. Некои особено гнасни злосторства, како што се сексуалните и оние врз деца, се извршени речиси исклучиво од мажи. Евидентирањето врз основа на „родов идентитет“ создава лажен бран на криминални дела од „женски“ педофили, изјави Џојс. 

Полицијата во Норфолк објави дека нема да ја промени политиката сè додека не добие упатства од Комисијата за еднаквост и човекови права и Националниот совет на началници на полиција.

29 јануари 2026 - 08:47