Полицијата сепак ќе упаѓа во без-полициската зона во Сиетл

Дел од Сиетл веќе некое време се води како зона без полиција окупирана од вооружени демонстранти, и ова до сега главно беше дозволено по линија на „нека им пројде меракот“. Викендов во зоната беа застрелани три лица, а со тоа и зоната почна ситно да брои.

Градоначалничката на Сиетл е на став дека „окупацијата“ го отежнува животот на жителите и бизнисите во зоната заради што градот ќе работи со демонстрантите за ставање крај на зоната.

„Време е да се вратиме дома. Се уште можеме да им излеземе во пресрет на лицата кои сакаат мирно да протестираат, да дојдат таму и да се собираат.“

Професионално срочено причината за тоа е:

„Кумулативното влијание на собирањето и протестите и вечерната атмосфера и насилството, доведоа до се потешки околности за нашите бизниси и граѓани.

Влијанието се зголеми, а безбедноста опадна.“

Во едно интервју пред пукањата запрашана кога мисли дека властите ќе се вратат во зоната, градоначалничката изјави „не знам, би можеле да имаме лето на љубовта!“

Началничката на тамошната полиција соопшти дека итните служби кои интервенирале по престрелките викендов биле „биле конфронтирани од ’непријателски настроена толпа’“, дополнувајќи дека по протерувањето на полицијата од зоната и напуштањето на полициската станица пријавени се силувања, напади, кражби и вандализам.

Зоната која се протега низ 6 градски блока беше заземена на 8-ми јуни по судири со полицијата. Според локалните медиуми, областа главно е мирна преку ден, луѓето се одмараат во паркот а волонтери делат бесплатна храна. Меѓутоа навечер работите стануваат напнати бидејќи се одржуваат демонстрации а поединци кои стражарат на улиците отворено носат оружје на себе.

23 јуни 2020 - 13:46