Компромитирани кандидати:

Почнаа маките за идниот шеф на ОН

Во Советот за безбедност почна долгото и сложено гласање за идниот генерален секретар на ОН. Граѓанската кампања „Еден за 8 милијарди“, која се залага за транспарентност на процесот, открива како изборот ги корумпира кандидатите, кои не можат да победат ако зад кулисите не се пазарат со моќните земји, откажувајќи се од независноста и од спроведувањето на реформите.

Изборот за генерален секретар на Обединетите нации е исклучително тежок процес. За да победи кандидатот мора да добие најмалку девет гласа од 15-члениот Совет за безбедност на ОН, а притоа да не добие вето од ниту една од петте постојани членки. Долго време постојат сомневања дека кандидатите се пазарат со членките што имаат право на вето за да обезбедат победа, но речиси ништо не е јавно обелоденето за тоа како функционираат овие договори зад затворени врати.

Сите пет постојани членки - САД, Британија, Кина, Франција и Русија, се обиделе да ја загрозат независноста на кандидатите во минатите процеси, вклучувајќи го и изборот на актуелниот генерален секретар Антонио Гутереш, тврди кампањата „Еден за 8 милијарди“ во извештај составен по интервјуа со повеќе од 40 поранешни дипломати, кандидати од претходни циклуси и високи функционери.

Новиот избор почна синоќа, со тајно гласање чии резултати не се обврзувачки, туку само даваат слика за почетната наклонетост кон кандидатите. Ребека Гринспен, поранешна потпретседателка на Костарика, добила десет „гласови на охрабрување“, еден повеќе од поранешната шефица на тајванската дипломатија и три повеќе од Рафаел Гроси, генералниот директор на Меѓународната агенција за атомска енергија. Тоа не мора да значи ништо за крајниот исход. Поважно од бројот на гласови е дали некоја од петте членки со право на вето е против.

Бан Ки-мун во својата автобиографија напиша дека во 2016 година Франција ја попречувала неговата кандидатура за лидер на ОН. Тогашниот министер за надворешни работи на Франција, Филип Дуст-Блази му ја објаснил цената: назначување Французин за потсекретар за мировни операции – една од најмоќните позиции во ОН. Бан тврди дека одбил да се пазари, но откако беше избран назначи го задржа Французинот на позицијата, a Дуст-Блази го постави за виш советник за иновативно финансирање за развој, со ранг на потсекретар на ОН.

Кофи Анан исто така се согласил да именува Французин за шеф на мировните операции во замена за поддршката од Париз. Курт Валдхајм во 1971 година формирал нова позиција „генерален потсекретар“ за да може да постави Кинез.

Даг Хамаршелд и Тригве Ли имале поинаква тактика. Тие ги прифатиле сите кадровски барања од постојаните членки на Советот за безбедност за највисоките функции, но потоа формирале „неформални кабинети“ од пониско рангирани, но поблиски и подоверливи соработници кои ја вршеле вистинската работа.

Актуелниот генерален секретар има поинаков пристап. Гутереш потклекнал под притисоците за национални монополи врз највисоките функции, но самиот ги избирал функционерите што го задоволуваат критериумот за националност.

Џефри Фелтман, поранешен потсекретар за политички прашања, објасни како Гутереш во 2016 година спречил блокада од Русија, која јавно инсистираше новиот генерален секретар да биде жена од Источна Европа. На крајот од процесот, Москва гласаше за маж од Португалија, членка на НАТО. Гутереш ја формираше Канцеларијата на ОН за борба против тероризмот и на нејзино чело постави Русин. Десет години подоцна, оваа канцеларија има годишен буџет од десетици милиони долари и речиси 200 вработени, а со неа и понатаму раководи Русин.

Повелбата на ОН ги дефинира генералниот секретар и неговиот тим како „меѓународни службеници одговорни исклучиво пред Организацијата“. Оваа независност не е апсолутна. Генералниот секретар соработува со државите, но понекогаш мора да заземе различен став.

Премногу често, победува кандидатот што им ветува премногу на моќните држави и не може да биде независен. Секретарите ја преземаат функцијата веќе компромитирани и задолжени, на начин што уште повеќе ги проширува големите овластувања на постојаните членки на Советот за безбедност и главните донатори. Малите и средните држави, кои можеби имаат најголема корист од ОН и најмногу можат да придонесат, во тој процес се маргинализирани, забележува кампањата „Еден за 8 милијарди“.

31 јули 2026 - 15:54