Пљачка на векот во Ирак: 2,5 милијарди долари

Немојте да мислите дека некој украл банка, нечиј сеф или воз полн со златни шипки. Во земја како Ирак, во која под менторство на САД со години се градеа „независни институции“ и се “јакнеа нивните капацитети“, има кој е надлежен и овластен да ја прави таа работа. 

Кражбата на 2,5 милијарди долари без сомнение била изведена со највисоките центри на политичка власт во земјата, бидејќи била проследена со потписи од надлежни агенции, институции и од самиот кабинет на ирачкиот премиер кој уживаше поддршка од Запад.

За ова протекоа писма уште лани летото, но тие не привлекоа доволно внимание: Ирак беше среде двегодишни превирања, предвремени избори, распуштен парламент... а медиумите и „меѓународната заедница“ беа фокусирани на гласањето после масовните протести кои бараа паѓање на корумпираната владејачка елита.

Но, зад сцената беше поставена сцената за проневера на даночни приходи, што сега се обелоденува како најголем корупциски скандал на владата на тогашниот миленик на Западот, премиерот Мустафа ал-Кадими, со размери големи дури и за земја од дното на меѓународниот индекс на корупција.

Шемата била изведена од бизнисмени и функционери во различни агенции, но не било можно да се изведе без благослов од врвните ешалони на државата и владеачката партија, вклучувајќи го и кабинетот на премиерот. Последнава инстанца сега пере раце и вика дека криви се од министерството за финансии. 

Главно, 2,5 милијарди долари даночни пари биле успешно повлечени од шел-компании во дил во кој секој добивал свое парче од колачот. 

Сето тоа е проследено со потписи од надлежни тела за обезбедување транспарентност и спречување корупција а Ирак - на хартија - ги има сите тие стандардни тела на една уредена демократска држава.

Малкумина Ирачани веруваат дека ќе се истера на виделина одговорноста на најголемите чауши, пренесува Гардијан. Луѓето се убедени дека сиот скандал ќе заврши со префрлање на вината на неколкумина ситни директорчиња а главните апаши ќе минат неказнето.

Зошто сето ова време имаме чувство дека не пишуваме само за Ирак?

 

 

21 ноември 2022 - 10:44