Пилата на Хавиер Милеи дава резултати

Мавташе со тоа пилата, изведуваше егзибиции, кинеше министерства и трошоци, ги нарекуваше политичките противници паразити и пијавици, ама, политиката му брка работа. Светските аналитичари му предвидуваа пораст од 4,7% но аргентинската економија сега расте со 6,5%. Во меѓувреме, суверенистот Хавиер Милеи веќе не е гадлив на глобалните пари па бара заем од ММФ.

Фото: ЕПА

Економската активност на Аргентина во јануари била поголема за 6,5% во споредба со истиот месец минатата година, што е нејзин највисок раст на годишно ниво од средината на 2022 година, покажуваат официјалните податоци. 

Аргентинската економија го забележа третиот последователен месец на раст, забрзувајќи го своето растечко темпо во однос на експанзијата од 6 отсто на годишно.

Аналитичарите претходно анкетирани од Ројтерс на земјата ѝ предвидуваа раст од 4,7 отсто.

Ова се сигнали за пресврт во економијата која беше на колена откако Милеи наметна ригорозни мерки на штедење кои беа проследени со социјални немири.

Помеѓу 10-те економски сектори кои забележуваат позитива во јануари, главни двигатели на националниот економски раст биле финансиското посредување, заедно со трговијата на големо, мало и поправките.

Милеи и неговиот економски тим сепак стравуваат од девалуација па заради тоа побарале 20 милијарди долари заем од ММФ како поддршка на домашната валута. Очекуваат голем дел од заемот да им биде исплатен однапред. 

Тој земјата ја наследи со хронична инфлација од речиси 150%, огромен структурен долг и 40% сиромашни граѓани.

 

28 март 2025 - 10:44