Локацијата и тајмнигот на бомбите беа бескрајно злокобни, избрани намерно за да ја максимизираат смртта и уништувањето. Меѓу оние кои со ужас ја видоа експлозијата беа родителите на децата убиени во Њутаун, кои беа сместени на тротоарот карши експлозијата.
Маратонот е настанот по кој се препознава Бостон, допирлива врска со остатокот од светот. Ова е една од работите која ни дозволува се уште да се држиме за нашето верување дека Бостон е средиште на универзумот. Денот на Патриотите (на кој се одржува бостонскиот маратон) е прослава на нашата револуционерна историја, меѓутоа го споделуваме со остатокот од светот. Ова е денот во годината, кога градот станува најразнолик, полн со луѓе од други држави кои доаѓаат тука за да ги истрчаат овие 42 километри.
Беше наизменично тажно и ужасно да се гледа како првите спасувачи ги растргнуваа металните огради и знамињата на многубројните држави, очајно брзајќи да стигнат до мртвите и повредените на тротоарот.
Овие знамиња изгледаа како жртви, распослани на улицата додека во воздухот уште висеше мирисот на експлозијата.
По првичната експлозија сите маратонци инстинктивно се свртеа кон местото на експлозијата. Потоа, 12 секунди подоцна, втора експлозија малку подолу по улицата. Беше пандемониум.
Во секунда толку многу животи се променија. Некои и завршија. Телефонските линии престанаа да работат. Сите се обидуваа да сфатат кој и зошто. Полицајците со кои зборува само климаа со главите. Можеше да биде кој било. Може да е странец. Може да е домашен. Може да е Ал Каеда. Може да се домашни лудаци.
Беше Денот на Патриотите. Беше денот на даноците. Беше Денот на независноста на Израел. Теориите се извиваа како чадот над улицата Бојлстон. Во петок е 20-та годишнина од освојувањето на имотот на Давидјанците од страна на ФБИ и 18 годишнината од бомбашките напади на Оклахома сити.
Имаше муабет дека млад Саудиец е испрашуван од ФБИ. Сега ФБИ ништо не би ми кажал, ама Џон Милер од СиБиЕс извести дека момчето се обидело да избега по експлозијата, ама некој успеал да го собори на земја и да го држи додека да дојде полицијата. Милер е поранешен помошник директор на ФБИ и има квалитетни извори. Милер пренесе дека Саудиецот соработувал и одбил каква било поврзаност со експлозијата. Тој објаснува дека избегал, бидејќи како и сите други таму, бил преплашен. Подоцна и претставници од полицијата ја потврдија приказната на Милер.
Потоа ја видов Лиса Хјуз од WBZ-TV како се обидува да си ја врши својата работа, и покрај крвта и откинатите екстремитети што беа наоколу. И ми текна дека Лиса, која е една од најфините личности што ќе ја најдете во овој бизнис, е омажена со човек чија претходна жена беше на летот од Бостон за Њујорк кој се удри во зградите близначки. И потоа се обидов да не плачам и се восхитував колку е таа професионална.
Гувернерот на Масачусетс, Девал Патрик, го започна денот со болничка посета на градоначалникот на Бостон, Том Менино. Неколку часа подоцна Патрик беше на телефон со Претседателот Обама, а Менино на сопствено барање ја напушти болницата. Тој не може да лежи додека градот беше нападнат. Како и многу други луѓе во Бек Беј, и на градоначалникот му требаше инвалидска количка за да се движи наоколу.
Дејв МекГиливри, директорот на маратонот, само што пристигна во Хопкинтон и беше подготвен да ја истрча рутата од 42 километри, како што прави секоја година, откако ќе стартува и последниот маратонец. Еден од полицајците му кажа на МекГиливри што се случи, тој веднаш скокна во автомобил и замина кон целта.
Пред 15 часот најголемата работа за медицинскиот шатор на финишот беа плускавци. Потоа одеднаш, тој беше претворен во борбена болница. Докторите и сестрите кои учествуваа на маратонот, веднаш се упатија кон медицинскиот шатор и се понудија како волонтери, се уште испотени, се уште во својата облека за трчање. Луѓето во Блек Беј ги отворија своите домови за маратонците кои не можеа да се вратат во хотелите.
Ќе го истуркаме и ова, ама никогаш веќе нема да бидеме исти.
Дури и откако се исчисти чадот од експлозијата, се уште бевме во магла, се уште бевме во мрак, нашите уши се уште одѕвонуваа од бомбите.
И, оставени сме со вознемирувачка состојба: ако ова беше домашна организација, тогаш најверојатно беше исклучок, дело на лудак. Ако беше инспирирано и спонзорирано од странство, тогаш никогаш повеќе нема да се чувствуваме безбедно во нашиот град.
Претседателот Обама побара од остатокот од земјата да се моли за Бостон. Но, нам ни треба повеќе од молитви. Ни требаат одговори. Ни треба мир во нашите глави, и тоа никогаш повеќе нема да го имаме на Денот на Патриотите. Никогаш. Затоа што некој дојде тука на нашиот Ден на Патриотите и започна сопствена револуција.