Остин кој е шести во ред за заменување на претседателот ако не дај Боже затреба, на 1 јануари е примен во воениот центар Волтер Рид, со сериозна болка и гадење. Сето ова се изведува со толкава тајност и итност, што заменичката на Остин, Катлин Хикс, која треба да седне во негова фотеља и да го преземе водењето на американската одбрана, за тоа дознава на плажа во Порторико.
Дури и неколку од највисоките функционери на Пентагон кои на 3 јануари се на состанок во Белата куќа, немаат поим дека Остин е хоспитализиран.
Додека Остин е во болница, а Белата куќа и највисоките функционери на Пентагон не знаат кој е одговорен, САД извршува напади со дрон во Багдад и испорачува ултиматум до Хути бунтовниците да престанат со напади на бродовите што минуваат низ Црвеното море.
Бајден за сето ова е информиран дури една недела по хоспитализирањето на Остин, на кого проблемите му потекнуваат од претходната операција за рак на простата. Кога е примен тој веднаш е ставен во интензивна нега, и таму останува неколку денови.
Дента на неговото хоспитализирање, шефицата на неговиот кабинет, Кели Магсамен, е болна со грип, што дополнително придонесува за одложеното пренесување на информацијата.
Катлин Хикс дури на 2 јануари, додека со своето семејство е на плажа на Порторико, е информирана од Пентагон дека треба да преземе дел од должностите на Остин. Во моментот не и е пренесено зошто треба да го направи тоа, а не ни прашува.
Тимот што постојано патува со нејзе, дури и кога е на одмор, еден од апартманите во хотелот во Порторико го преадаптира како привремена канцеларија по што Хикс е „целосно авторизирана и подготвена да го поддржи претседателот за други воени прашања, доколку има потреба од тоа.“
Дури на 4 јануари, Магсамен му ја пренесува информацијата на националниот советник за безбедност, Џејк Саливен, кој потоа го информира и Бајден. Магсамен тогаш истото им го соопштува и на уште неколку високи функционери во министерството.
На 5 јануари, во 17 часот по вашингтонско време, Пентагон и соопшти на јавноста дека Остин е хоспитализиран.