Пентагон купува забранета касетна муниција од Израел

Министерството за одбрана на САД без јавен оглас потпишало договор од 210 милиони долари за купување напредни касетни гранати од израелска државна компанија. Оваа муниција е забранета со светска конвенција поради ризикот дека може да се активира со задоцнување од години откако ќе биде испукана на бојното поле. Само во 2024 година овие бомби убиле 314 цивили.

Федералните записи што покриваат период од 18 години покажуваат дека ова е најголемиот договор на Пентагон со израелска компанија. Томер во следните три години ќе добие вкупно 210 милиони долари за испорака недефиниран број касетни гранати за артилерија од 155 милиметри. 

И муницијата и договорот се нетипични. САД вообичаено се тие што му продаваат свое оружје на Израел. Лани во септември Пентагон го потпишал договорот со Израелците без јавен конкурс, користејќи ги неодамнешните олеснувања на условите за склучување одбранбени договори со Украина, Тајван и Израел. Иако федералните агенции се законски обврзани дополнително да ги оправдаат исклучоците, Пентагон досега не доставил „документ за одлука и наоди“.

Бизнисот на Томер е во подем поради израелската интервенција во Газа и засилениот извоз. Сајтот Калкалист лани евидентирал вкупна продажба од 173 милиони долари. Договорот со Пентагон повеќе од двојно ја зголемува таа сума. Компанијата ѝ плаќа на израелската влада дивиденда од 50% од својата добивка. 

Новата технологија наводно ги прави распрснувачките бомби поефикасни во споредба со оние од постарите генерации, какви што беа користени во војните во Виетнам, Лаос, Ирак и во Босна и Херцеговина. Касетните гранати XM1208 испуштаат девет бомби кои детонираат во воздух и исфрлаат по 1.200 парчиња волфрамски шрапнели. Имаат многу ниска декларирана стапка на неексплодирање од 1% поради вградените сложени фитили за активирање и уреди за самоуништување.

Алма Таслиџан од хуманитарна организација за забрана на касетна муниција предупредува дека стапките на дефекти на муницијата во реалниот свет се многу повисоки од оние при контролирано тестирање, кое не ги зема предвид условите на бојното поле како мека почва или деградирани фитили.

Дури и ако XM1208 навистина има стапка на дефект од 1%, таа сепак е нехумана и зад себе ќе остави голем број смртоносни парчиња, вели Таслиџан.

Таа пренесува сведоштво на 17-годишно момче од Босна, на кое неколку години по крајот на војната му експлодирало парче од касетна бомба и му ги разнело двете раце и дел од лицето.

Организацијата Cluster Munition Monitor документирала повеќе од 24.800 повреди и смртни случаи од касетна муниција по 1960-тите. Само во 2024 година дефектни бомби убиле 314 цивили, претежно во Украина.

САД, Израел, Украина, Русија, Кина, Индија и Пакистан се меѓу земјите што не се потписници на Конвенцијата за забрана на употреба, производство, продажба и складирање на касетна муниција. Литванија е единствената земја што го повлече својот потпис, наведувајќи загриженост од можна инвазија од Русија. 

САД се специфичен случај. Во 2008 година самостојно решија да не ги користат резервите од неефикасна касетна муниција, туку да развијат ново оружје со стапка на дефект помала од 1%. Во 2017 година ја тестираа муницијата М999 од IMI Systems. Оваа израелска компанија во меѓувреме го смени сопственикот и го прекина производството, но развојот на муницијата продолжи преку новата државна компанија - Томер.

10 февруари 2026 - 10:41