24 часови откако Украина успева да го погоди Кремљ со дрон, кон Киев и седиштето на Зеленски и неговата влада Русија лансира кинжал ракета. Проектилот кој се движи со мах 10 е пресретнат и распарчен на шрапнели од ракета од Патриот, еден од вкупно двата Патриоти кои Украина ги доби од САД. Вториот наводно веќе делувал на север на Украина напаѓајќи на руска територија, по што е пренесен на југот.
Британски Тајмс разговара со потполковник задолжен за ПВО на Киев, кој се фали дека градот моментално ја има најмоќната одбрана во светот, а според кого тие само во мај и во јуни имаат соборено 215 руски проектили и дронови. Одбраната составена од Патриот, НАСАМС, Ирис-Т, С300 и Кротал, направила „Русите да сфатат дека лупањето со глава во ѕид каде што е најдебело е бесцелно“.
За вака поставениот систем најголемата закана моментално доаѓа од Западот, конкретно од нивниот капацитет да ја покрива ПВО со муниција.
„Не можеш да планираш за војна со годишно производство на 150-160 Патриот ракети. Ние толку трошиме за еден месец.
Ако чекаме до есен, до средината на октомври, тие повторно ќе удрат на енергетската инфраструктура. Тоа е сигурно. Оваа зима ќе биде уште потешка од минатата,“ објаснил потполковникот според кого неопходно е итно зголемување на производството на оружје.
Тој им оддава посебно признание на балтичките држави кои дале се што имаат, голема помош доаѓа и од Полска и од скандинавските држави „за што не се зборува многу,“ но затоа неговото искуство е дека на пример на Французите не им е јасен обемот на заканата од Русија, за дел од нивните функционери и директно да го прашаат „зошто не се предадете?“
Нему не му е јасно ни зошто САД толку ги штедат своите залихи, конкретно Патриотот од кој имаат вкупно 1.100 системи, меѓу кои и 40 се со постари ПАК-2 батерии кои им се перманентно складирани, „а би можеле целосно да ја заштитат Украина од руските ракети.“
„Тие се веќе платени од бабите на сегашните американски граѓани. Или ќе ти скапуваат во магацин или дај ни ги нам, ние некако ќе ги искористиме,“ порачал офицерот.
Според него нападите на Одеса се дел од адаптирањето што Русите го имаат направено за да го избегнат Патриот, бидејќи градот се уште не е покриен со системот. Друга адаптација која се случува е надградба на старите проектили со напредна технологија и прекривка која го апсорбира радарскиот сигнал, а изминативе недели главна мета на Русите се украинските аеродроми од каде се лансираа британските Сторм шадоу ракети, кои успеваа прилично длабоко да навлезат на окупираната територија. Крајно благодарен на Британија за Сторм шадоу, тој објаснува дека проектилот има два пати поголем домет од декларираното, 500 наместо 250 километри, и ги прашува САД што сега ги спречува да им испратат ракети со поголем домет кога и онака веќе имаат такви на располагање.