Пасошите на ЕУ повеќе не се на продажба

Малта е последната земја од ЕУ што ги укина „златните пасоши“. Шемата ѝ донела 1,4 милијарда долари, поради што властите не се ни мачеле да проверуваат кој сè добива државјанство. Странците (главно Кинези) што сакаат со пари да се сторат Европејци имаат утешна можност – „златна виза“ што обезбедува жителство. Вакви визи се на продажба во 14 земји во Европа.

Европскиот суд на правдата ја прогласи за незаконска програмата на Малта за продажба на државјанство за големи инвестиции. Програмата на Малта беше оспорена во 2022 година од Европската комисија.

Малта го сведе државјанството на обична комерцијална трансакција. Практиката не овозможува да се воспостави потребната врска на солидарност и добра волја меѓу земјата и нејзините граѓани ниту да се обезбеди взаемна доверба меѓу членките, реши судот.

Од почетокот на програмата, активисти тврдеа дека властите не ја спроведуваат како што треба. Многумина од оние што добиле „златни пасоши“ не го исполниле условот да престојуваат на Малта во потребниот период, а имало и случаи кога не било јасно дали воопшто купиле резиденција.

Податоци од Фондацијата Дафне Каруана Галиција покажуваат  дека кинески инвеститори купиле 90% од златните пасоши. Нивниот број бил повисок од вкупниот број Кинези на Малта според пописот. 

Премиерот Роберт Абела ја брани шемата, истакнувајќи дека Малта само од продажба на златни пасоши заработила над 1,4 милијарда евра. Тој најави дека нема целосно да ја отфрли политиката, туку ќе ја прилагоди на одлуката на судот.

Постојат и други начини за натурализација во Шенгенската зоната. „Златните визи“ функционираат на сличен принцип - со купување недвижен имот или со големи инвестиции се добива дозвола за легален престој.

Компанијата Henley & Partners, специјализирана за ваков бизнис, тврди дека меѓу своите клиенти има 30 земји што нудат „престој за инвестиција“. Од нив 14 се во Европа.

Во Италија, на пример, услов за „инвеститорска виза“ е вложување 2 милиони евра во владини обврзници, 500.000 во акции или 250.000 во иновативни стартапи. Брисел не ги обжалува златните визи, но изразува сериозна загриженост поради „ризикот од перење пари, даночно затајување и корупција“.

Европскиот парламент во 2022 година усвои резолуција во која се бара ригорозни проверки на апликантите за златна виза и изворот на нивното богатство. Спроведувањето на препораките им е оставено на членките.

5 мај 2025 - 10:14