
Американскиот претседател кој ветуваше дека со него „нема веќе војни“ сега ја вплетка својата земја во една од најкомплициранитe меѓународни ситуации последните децении, подлегнувајќи на наративот на Нетанјаху дека Иран мора да се скрши бидејќи е блиску до создавање нуклеарно оружје (и така со години - види овде).
„Не е политички коректно да се користи терминот „промена на режимот“, но ако сегашниот ирански режим не е во состојба да го направи Иран повторно голем, зошто не би имало промена на режимот??? MIGA!!!“, напиша Трамп.
„Сега е време за мир“ претходно порача Трамп откако неговата војска истрела 75 прецизно наведувани проектили меѓу кои и пробивачи на бункери како и неколку десетина проектили Томахавк врз три ирански нуклеарни локации. Операцијата веднаш беше прогласена за успешна иако е невозможно објективно да се процени дали и колкава штета е направена врз подземната инфраструктура.
Дилемата дали да ја држи Америка настрана како што им вети на гласачите или сепак да се впушти во пролонгиран и неизвесен конфликт со Техеран внесе раскол меѓу неговите приврзаници од движењето МАГА.
„Секој пат кога Америка е на праг да стане велика, се вплеткуваме во уште една странска војна. Немаше да паѓаат бомби врз народот на Израел ако премиерот Бенјамин Нетанјаху прво не фрлеше бомби врз народот на Иран. Израел е нуклеарно вооружена нација. Ова не е нашата борба. Мирот е одговорот,“ напиша десеничарската конгресменка, Мерџори Тејлор Грин, досега беспоговорна лојалистка на Трамп.
И влијателниот Стив Бенон e меѓу оние кои се противат на американско вмешување во проблемите на Блискиот исток потсетувајќи дека Нетанјаху е последниот човек кому треба да му се верува.