Богатството на најсиромашните 3,6 милијарди луѓе од светската популација е еднакво на заедничката нето-вредност на шест американски бизнисмени, еден од Шпанија и еден од Мексико.
„Од брегзит до успехот на претседателската кампања на Доналд Трамп, загрижувачкиот подем на расизмот и сè поголемото незадоволство од меинстрим-политиките, постојат растечки знаци дека сè повеќе и повеќе луѓе во богатите држави повеќе не се подготвени да го толерираат статус-кво“, се порачува во извештајот на меѓународната конфедерација на добротворни организации, Оксфам.
Во минатогодишниот извештај на Оксфам се тврдеше дека богатството на половина од светската популација е во рацете на 62-ца. Од организацијата објаснуваат дека по добивањето нови податоци за распределбата на богатството во Кина и Индија тие морале да го ревидираат начинот на кој ги вршат пресметките. Новата равенка покажала дека точниот број е 8.
Тема на годинешниот самит во Давос е „Респонсивно и одговорно лидерство“, која според организаторот е одговор на „силната реакција против глобализацијата што доведе до два изненадувачки резултати од гласање и раст на популизмот на Западот“.
Во извештајот Оксфам бара раст на даночната стапка „за богатите поединци и корпорации“, како и глобален договор за ставање крај на натпреварот меѓу државите за намалување на корпоративните даноци. Организацијата го осуди и „лобирањето од корпорациите и нивната блискост со бизнисот и политиката, повикувајќи на формирање задолжителен јавен регистар на лоби групи и посилни правила за судир на интереси“.