Олимписки остров за сите Олимпијади

Идејата не е толку нова, ама повторно е актуелна пред изборот за домаќин на Летната Олимпијада 2020-та, по што еден од трите градови кандидати (Истанбул, Мадрид, Токио) ќе ја доживее најнасилната промена на својот изглед во рекордно кратко време (а да не е од бомбардирање) - зошто сите Олимпијади да не се одржуваат на една локација?

 

Најголемиот проблем со организирање на Олимпијадата се последиците што остануваат по неа - урбанистички, социјални и финансиски.

На Монтреал му требаа 30 години за да ги исплати долговите од 1,6 милијарди долари, за организирање на Олимпијадата. Се проценува дека Бразил исели околу 150.000 луѓе заради Мундијалот 2014-та и Олимпијадата 2016-та. Сочи 2014-та се очекува да бидат најскапите игри во историјата, а Атина 2004-та помогна Грција да заврши во економски колапс.

Евентуалното решение за овој проблем доаѓа во форма на остров.

Наместо инвестирање милијарди долари во секој нов град домаќин на секои 4 години, професорот од Универзитетот Мериленд, Џон Рение Шорт, предлага создавање Олимписки остров на кој секоја година би била организирана летна Олимпијада.

Шорт смета дека островот треба да го купи МОК, и да го претвори во трајна локација. Тој би функционирал како град држава, и ќе биде надгледуван од О.Н. со единствена функција постојано одржување на Олимпијадата и тренинзите за неа.

"Можеби ќе има големи трошоци за инфраструктура, ама такви трошоци ги гледаме секоја година. Колку пари платија Кинезите? Никогаш нема да знаеме. Колку плати Лондон? Знаеме дека вистинските трошоци секогаш се потценети. Тоа се милијарди врз милијарди," вели Шорт кој веќе некои време пишува за Олимпијадите и глобализацијата.

Според него Олимпискиот остров ќе ги елиминира огромните трошоци и немирот што обично им следуваат на жителите на градот домаќин, посебно на најсиромашните кои секогаш се жртва на некакво преселување.

Наспроти идејата на Шорт, стои еден од главните столбови на алибито за организирање на Олимпијада - профитот.

"Постојана локација за Олимпијада ќе го елиминира еден од главните мотиви за организирање на Олимпијадата, кој за жал е профитот. Кој би ја поддржал оваа идеја? Можеби некој идеалист, со кој навистина симпатизирам, но не и механизмот кој стои зад целото организирање на Олимпијада," објаснува професорот по архитектура од Техничкиот Универзитет во Атина, Ставрос Стравридис.

7 септември 2013 - 16:21