Од злото фентанил Америка ја спасува – Кина

Трамп му објави војна на фентанилот. Поради огромниот број смртни случаи со декрет ја прогласи оваа синтетичка дрога за „оружје за масовно уништување“. Бројот на случаи од предозирање почнал да се намалува, но не поради заканите од Трамп, туку поради одлуката на Пекинг да го запре извозот на хемикалии за нарко-лабораториите во Мексико.

Администрацијата на Трамп го искористи огромниот број на смртни случаи од фентанил за да ги оправда нападите врз нарко-бродовите во Карибите, за да испрати воени сили да апсат луѓе по градовите и за да им наметне високи царини на соседите, обвинувајќи ги дека намерно пропуштаат дрога во САД.

Најновите истражувања покажуваат нешто незгодно за таа нарација: бројот на фатални случаи од користење фентанил во САД почнал драстично да се намалува уште пред Трамп да ја преземе функцијата и може да се припише како успех на администрацијата на неговиот претходник Џо Бајден.

Нов труд објавен во списанието Science покажува дека фаталните предозирања од синтетички опиоиди како фентанил го достигнале врвот од 76.000 во 2023 година, а потоа се намалиле за една третина до крајот на 2024 година. Како можно објаснување за овој тренд, авторите на трудот наведуваат „големо нарушување во нелегалната трговија со фентанил, поттикнато од активностите на кинеската влада“.

Дипломатскиот притисок веројатно се покажува многу поефикасен од напорите за справување со дилерите на дрога на улица. Тоа е охрабрувачки бидејќи спроведувањето на законот на улично ниво може да резултира со големо и расно непропорционално зголемување на апсењата. Построгите мерки може да ги направи дрогите поскапи и да ги направи потешки за набавка, пишува во трудот.

Користејќи податоци од владите на САД и Канада, како и дискусии на Reddit, истражувачите заклучуваат дека Пекинг во 2023 година почнал да ги затвора фабриките кои ги снабдувале мексиканските криминални групи со хемиски супстанци за производство на фентанил. 

И Агенцијата за борба против дрога во својата Национална проценка на заканата од наркотици за 2025 година забележува „свесна реакција на владата на Кина, која контролира повеќе прекурсори на фентанил“. 

Не може да се гарантира дека позитивниот тренд ќе продолжи. Податоци од Центрите за контрола на болести укажуваат на благо зголемување на фаталните предозирања во периодот помеѓу јануари 2024 и јануари 2025 година, по постојаниот пад од 17 месеци.

Ова покажува колку влијателна може да биде Кина и колку може да ни помогне - или да ни наштети, изјави за Вашингтон пост Кит Хамфрис, поранешен советник на Белата куќа во времето на претседателот Барак Обама.

12 јануари 2026 - 16:32