Од климата ќе видиме само полошо

Човекот ја дотера работата со климатски промени до таму тие да бидат неизбежни и неповратни, се заклучува во алармантниот нов извештај на Обединетите нации.

Човековата активност ја менува климата на Земјата на начини кои не се забележани илјадници години.

Во рок од следните две децении температурата на планетата ќе порасне за над 1,5 степени Целзиусови над пред-индустриските нивоа и се очекува да донесе „масовно уништување и екстремно време“.

Исто така започнат е траен раст на морското ниво и тој нема да може да се коригира во следните стотици до илјадници години.

„Без разлика колку брзо ќе го намалиме загадувањето, најверојатно ќе биде неизбежен раст од 15 до 30 сантиметри на просечното морско ниво на планетава до средината на векот,“ изјавува водечкиот автор на поглавјето за раст на морското ниво, др. Боб Коп.

Очекувањата се дека екстремни „еднаш на 100 години“ настани сега би можеле да почнат да се случуваат секоја година.

Заклучокот е и дека глобалното затоплување нема поштедено ниту еден дел од Земјата, ниту пак некој ќе може да се спаси.

Како главен виновник за сите овие работи е согорувањето на фосилните горива, кои ја загреваат атмосферата, океаните и почвата.

Извештајот на ИПЦЦ на О.Н. (Интервладин панел за климатски промени) се подготвува 8 години и во него е содржана работата на стотици експерти и рецензирани студии.

„Извештајот го претставува вкупното знаење до ден денешен за физичка основа за климатските промени, и открива дека човековата активност ’непогрешливо’ е причина за рапидни климатски примени, вклучително растот на нивото на морињата, топењето на поларниот мраз и глечерите, топлотни бранови, поплави и суши,“ пишува Гардијан.

Генералниот секретар на О.Н. Антонио Гутереш извештајот го нарече „црвен аларм“ за човештвото. Тој повика ставање крај на сите нови погони на јаглен, и ново истражување (копање / дупчење) за фосилни горива.

9 август 2021 - 13:03