Од демонтирањето на "Џунглата" на Кале

Во обид да покажат дека не е само Германија со иницијатива околу бегалците, Франција и Британија одлучија да го поништат дивиот бегалски камп во Кале, а неговите жители да ги поделат меѓу себе (иако доминантното мнозинство бегалци од Кале седат таму чекајќи да преминат во Британија).

Од речиси 10.000 жители, Британија ќе прими 3.000 деца и возрасни од кампот. Во Франција бегалците ќе бидат распоредени во 164 привремени центри, со капацитет од 40 до 50 луѓе, во период од 4 месеци додека нивното барање за азил не се разгледа. Освен раселувањето по најразлични центри, целта е бегалците да се регистрираат и идентификуваат.

Дислоцирањето луѓе од Џунглата почна во понеделникот, а во четврток се очекува да пристигнат околу 40 луѓе кои ќе започнат со демолирање на кампот. Заедно со нив се очекува и пристигнување на дополнителни 3.000 полицајци.

Според францускиот министер за внатрешни работи, причина за отстранување на кампот е дека тој предизвикува економска штета на работењето на тунелот, како и безбедносни проблеми за возачите на камиони кои возат преку Кале.

Првите немири започнаа уште во саботата вечерта, пред најавеното демонтирање на кампот, кога мала група бегалци се судри со полицијата, и почна да потпалува дел од кампот:


Во понеделникот наутро, француската полиција почна да ги собира децата кои ќе бидат први отселени од кампот:


Како што заврши акцијата за раселување во понеделникот, вечерта дел од напуштените шатори беа запалени од групи мигранти кои останаа во кампот, објаснувајќи дека ова било "традиција" за секој што ќе си замине:


Во средата наутро полицијата и пожарникарите продолжија со акцијата за раселување на бегалците и гасење на пожарите:

Бибиси: Од Балкан до Кале

27 октомври 2016 - 10:39