Од Белата куќа ќе фрчат помилувања до крајот на мандатот на Бајден?

Администрацијата во заминување размислува за давање на серија превентивни помилувања на бројни сегашни и поранешни американски јавни функционери што би можеле да настрадаат во идни постапки кои потенцијално би ги започнал Доналд Трамп.

Советниците на Бајден наводно се „длабоко загрижени“ за бројот на сегашни и поранешни функционери кои би можеле да завршат си истраги, па дури и обвиненија, по доаѓањето на власт на Трамп. Ова само ескалирало по именувањето на Каш Пател за прв човек на ФБИ, откако истиот овој јавно порача дека ќе ги гони критичарите на Трамп.

Тимот на Бајден моментално го мери и премерува давањето на бланко помилувања на лица кои не извршиле никакви прекршоци, бидејќи мерката во исто време може да имплицира прекршување на правилата, што само ќе ги засили критиките од Трамп, и страв дека луѓето би можеле да ги одбијат истите.

Први на отстрел на Трамп би можеле да бидат претседателот и членовите на конгресниот комитет за 6 јануари и поранешниот прв човек на американскиот Национален институт за заразни болести, Ентони Фаучи.

Пред некое време Бајден ја отвори сезоната за давање помилувања пред завршување на мандатот со потпишување на превентивното помилување за неговиот син Хантер Бајден за сите дела што ги направил или можеби ги направил последниве 11 години.

10 декември 2024 - 15:15