
Обединетите нации планираат масовен ремонт што опфаќа спојување на главните оддели и укинување непотребни канцеларии и работни места заради заштеди на ресурсите низ целиот свет. Работната група назначена во март од генералниот секретар Антонио Гутереш за да ја анализира состојбата, подготви меморандум во кој се посочени главните проблеми и се препорачуваат реформи. Поводот беше заканата од Доналд Трамп дека САД повеќе нема повеќе по инерција да префрлаат толку многу пари во ОН.
Ројтерс имал увид во документот од шест страници, означен како „строго доверлив“. Содржи листа со предлози за консолидирање десетици агенции на ОН во четири основни сектори: мир и безбедност, хуманитарни прашања, одржлив развој и човекови права. Оперативните аспекти на Светската програма за храна, агенцијата за деца на ОН, Светската здравствена организација и Агенцијата за бегалци ќе се спојат во еден хуманитарен ентитет.
Зголемените мандати, често без јасни стратегии за излез, и сложеноста доведоа до значителни преклопувања, неефикасност и зголемени трошоци, се вели во документот.
Гутереш долго време бараше реформи во ОН. За време на состанокот со Трамп во 2017 година, генералниот секретар му рече на американскиот претседател дека светската организација е оптоварена со „фрагментирани структури, византиски процедури, бескрајна бирократија“.
ОН сега се соочуваат со една од најголемите финансиски кризи во својата 80-годишна историја. На почетокот на годината, САД, убедливо најголемиот донатор на ОН, веќе имаа околу 1,5 милијарда долари заостанати долгови за редовниот буџет и 1,2 милијарда за мировните сили. Откако Трамп ја презеде функцијата во јануари, тој укина милијарди долари од странската помош како дел од неговата надворешна политика „Америка на прво место“.
Меморандумот на работната група не споменува ниту една земја по име, но строго забележува дека „геополитичките промени и значителните намалувања на буџетот за странска помош ја предизвикуваат легитимноста и ефективноста на Организацијата“.
Хуманитарната канцеларија на ОН, која се соочува со недостиг од 58 милиони долари, намали 20% од својот персонал. УНИЦЕФ проектира дека неговиот буџет ќе се намали за 20%, а агенцијата за миграција на ОН очекува пад на буџетот за 30%, што ќе влијае на 6.000 работни места.
Меморандумот, исто така, сугерира преместување на дел од персоналот на ОН од поскапите градови во локалитети со пониски трошоци и спојување на операциите во Рим.
Друг внатрешен меморандум од минатата недела се бара од надлежни раководители до 16 мај да подготват список на работни места што би можеле да се извршуваат надвор од Њујорк или Женева. Стотици вработени на ОН протестираа поради губењето на работните места во Женева на 1 мај. Персоналот што директно го поддржува Генералното собрание на ОН и Советот за безбедност во Њујорк ќе остане.
Мораме да преземеме храбри и итни чекори за да го подобриме начинот на работа, максимизирајќи ја ефикасноста додека ги намалуваме трошоците, се вели во вториот меморандум.