Целиот успех на помалку бројната украинска војска во овие две години војна периодов е засенет од стравот на искусните војници и нивните команданти дека не само што немаат доволно војска, туку и новите регрути што доаѓаат се со значително послаб квалитет и многу брзо се повредени или гинат на фронтот.
Најтешко погодена од овие проблеми е пешадијата, која, што заради истоштеност, што заради слаб морал, сега е принудена да се повлекува и да им дозволува на Русите лесно да освојуваат нова територија.
Фајненшл Тајмс разговара со четири команданти, заменик командант и речиси дузина војници од четири украински бригади кои се борат на фронтот во Донецк, кои изјавуваат дека „новите војници немаат најосновни борбени вештини и мотивација, и често пати ги напуштаат своите позиции кога ќе се запука кон нив.“
„Командантите проценуваат дека 50 до 70 проценти од новата пешадија загинува или е ранета во рок од неколку дена откако ќе дојде на фронт,“ пишува ФТ, чии извори изјавуваат дека новите регрути бегаат уште на звукот од првата експлодирана артилериска граната.
Ова беше проблем и пред Украина да го отвори новиот фронт кај Курск, каде префрли добар дел од искусните единици, а нивните позиции на источниот фронт ги пополни со нови регрути.
Додека високи украински функционери се фалат дека со последниот бран на мобилизација од мај успеале да регрутираат по 30.000 војници месечно, и да и парираат на далеку побројната Русија, командантите на терен се жалат дека новите регрути не се ни приближно мотивирани, не се ни физички, ни психички подготвени и гинат алармантно брзо.
Дури и тие што ќе заминат од својата ротација на фронтот без повреда, знаат да се вратат во заднина толку истоштени и преплашени што се препраќаат во психичко лекување. Неколку вакви несреќни ротации во рок од еден месец и помогнаа на Русија неочекувано лесно да напредува кон Покровск.
Дел од вината се припишува на проблеми од пред почетокот на војната, како стар и советски команден кадар, дел се должи на тоа што сега воените власти немаат ни време, а не се ни трудат малку подобро да ги разгледаат сите карактеристики на кандидатите и да им одберат соодветно место во војската.
Како што ќе каже еден командант од фронтот „не се сите за во пешадија.“
Секој командант со кој разговара ФТ се жали дека новите регрути немаат ни приближно адекватна обука, а и самите обучувачи немаат вистинско воено искуство за да можат да го пренесат. Плус, ретко кои нови регрути имале шанса да вежбаат со боева муниција.
Наместо тоа, сите добиваат советска обука, што значи сите ги исполнуваат условите и се пратени на фронтот.
„Некои од нив не знаат ни пушка да држат. Повеќе компири лупат отколку што пукаат,“ изјавува еден од соговорниците на ФТ.