
Новата генерација украински олигарси не прилега на класичните, кои беа збришани од војната. Не се перчат со спортски автомобили, не купуваат телевизиски станици, весници, пратеници или приватни армии, и го чуваат своето богатство притаено од јавноста.
Војната, која влезе во својата четврта година, се покажува како профитабилно поле за бизнисмени како Андриј Ставницер, Андриј Коболев, Олександер Хереха, Андриј Колодјук и Васил Хмелницки. Квинтетот се етаблираше во воената економија, инвестирајќи во обнова на она што руската армија одново и одново го уништува, пишува швајцарскиот весник Neue Züricher Zeitung.
Петтемина вадат профит од стратешки сектори како логистиката, енергетиката или градежните материјали, но настојуваат да ги поддржат војската и цивилното население. Уздите, според весникот, цврсто ги држи претседателот Зеленски, кој ги диктира јавните набавки, вообичаено преценети. Дел од вишокот завршува кај бизнисмените, а дел во бирократскиот синџир.
Тоа автоматски не значи дека олигарсите имаат добри односи со претседателот. Коболев, поранешен директор на државната компанија Нафтогаз, е под обвинение за корупција, бидејќи Зеленски наводно го смета за потенцијален ривал. Го споредуваат со банкарот Игор Коломојски, кој сега е во затвор поради измама и убиство, иако неговата медиумска империја го поттурна Зеленски на политичката сцена.
Мирот може да биде уште попрофитабилен, зашто пред Украина се проекти за реконструкција, обнова на земјоделството и заживување на традиционалниот рударски сектор.
Ставницер, еден од стоте најбогати лица во Украина, соработува со Министерствата за инфраструктура и здравство, како и со Европската банка за реконструкција и развој (ЕБРД). Кога Русија наметна блокада врз Црно Море, тој имаше главна улога за безбеден извоз на жито. Во Лавов основаше клиника за бесплатна рехабилитација на ранети војници.
Колодјук, еден од најбогатите Украинци, заедно со вицепремиерката Јулија Свириденко работеше во Американско-украинскиот инвестициски фонд за реконструкција, кој е во центарот на интересот на Доналд Трамп за украинските минерали како литиум, титаниум и кобалт.
Дискретниот инвеститор Васил Хмелницки развива технолошки паркови и инфраструктурни објекти за образование, здравство и транспорт. Се смета дека од договори со министерствата стекнал богатство од 500 до 800 милиони евра.
Брисел, кој настојува по забрзана постапка да ја приклучи Украина во европскиот клуб, изрази загриженост поради високиот степен на корупција во Киев.
Корупцијата е рангирана како втора причина за загриженост на граѓаните, веднаш по војната. Анкета на Националната агенција за спречување корупција покажа дека 88% од граѓаните и 81% од бизнисите се убедени дека корупцијата е зголемена во споредба со 2022 година. Речиси една половина од испитаниците го сметаат претседателот Зеленски за директно одговорен.