Во центарот на скандалот се Олексиј Сухачев, шефот на Државното биро за истраги (ДБР) и неговиот брат Олександр, кој води разни бизниси. Осум големи украински медиуми ја прекршиле забраната да се пишува било што за случајот и координирано го објавија извештајот од истражувачката платформа Slidstvo и антикорупцискиот центар AntAC. Тие тврдат дека Олександр Сухачев во периодот од 2018 до 2020 година по ненормално ниски цени купил 143 станови, деловни простории и други имоти во два станбени проекти во Харков изградени од инвеститорот „Строј Сити“.
За првата тура од 30 стана Сухачев платил вкупно 39.300 долари, односно помеѓу 932 и 1.856 долари за еден стан. Само два дена подоцна, купил уште 28 станови за помалку од 33.000 долари – севкупно 58 станови во Харков за 72.000 долари.
Ако ги купувал по пазарна цена, која во тој период била околу 800 долари за квадратен метар, со тие пари би можел да купи едвај еден стан од 90 квадрати.
Олександер Сухачев сега не поседува речиси ниту еден од 143-те имоти. Само делумно е познато кога, на кого и по кои цени биле пренесени имотите.

Но скандалот не запира тука. Полицијата и обвинителството во 2021 година почнале истрага за нелегално изградени станбени комплекси во Харков. Во 2022 година, случајот бил префрлен во Државното биро за истраги (ДБР), чиј шеф бил Олексиј Сухачев. Во почетната истрага никој не бил формално обвинет. Случајот ѝ бил вратен на полицијата и бил затворен.
На новинарите им било забрането да пишуваат за случајот, согласно судска одлука. Компанијата „Паркови-2“, поврзана со инвеститорот, поднесе тужба против Slidstvo.Info, Центарот за антикорупциски активности и новинарката Алина Стрижак, откако побарале информации за својата истрага за Сухачев.
Во тужбата се тврдело дека новинарите незаконски собираат лични податоци и комерцијални информации. Инвеститорот побарал од судот да забрани објавување детали поврзани со договорите за инвестирање, износите на инвестициите и недвижниот имот, за да не се загрозат деловни и приватни тајни.
Комитетот за заштита на новинарите ја опиша судската одлука како „правен маневар без преседан“.
Оваа забрана изгледа како отворен чин на цензура, ние, заедно со другите учесници во „Иницијативата 143“, сметаме дека е неопходно да го објавиме истражувањето“, наведоа во заедничко соопштение за јавноста осумте медиуми, кои се солидаризираа со Slidstvo.