
Во третата најсиромашна земја во Латинска Америка, ако не работиш, нема што да јадеш. Три четвртини од работните места се во малите бизниси или сивата економија. Кога во март 2020 ковидот затропа и на нивна врата, претседателот Даниел Ортега знаеше дека затворање на економијата би било катастрофално.
Беше под притисок од сите страни да воведе строги рестрикции. Тоа веќе го направија соседните Ел Салвадор, Хондурас, Костарика... Нивните влади, сите политички непријателски настроени кон Никарагва, инсистираа и таа да се приклучи во затворањето на регионалната економија.
И гласната опозиција го бараше истото па земјата беше во опасност да ја репризира насилната конфронтација од 2018 меѓу опозициските групи и социјалистичката сандинистичка влада на Ортега, која резултираше со над 200 смртни случаи.
Кога Ортега јавно објави дека ќе нема карантини, десничарската опозиција го обвини дека е од оние што ја негираат пандемијата, предвидуваа дека здравствениот систем ќе се распадне а опозициони медиуми прогнозираа дека за само еден месец ќе умрат најмалку 23.000 луѓе.
Кога владата почна да објавува статистики од пандемијата, опозицијата почна да објавува паралелни статистики, многу пострашни од официјалните. Со сосема мал фонт на сајтот признаваа дека нивните бројки доаѓаат од социјални медиуми па и гласини.
Западниот печат го растури Ортега. BBC тврдеше дека тој намерно не презел никакви мерки, Њујорк Тајмс шпекулираше зошто го нема долго во јавноста, на истата „мистерија“ терцираа Гардијан и Вашингтон пост. Се придружи дури и до пандемијава беспрекорно угледниот Лансет (ви текнува на писмото, на признанието на Џефри Сакс?) кои оценија дека Никарагва ја има најлошата реакција на светот.
„Лагите на либералните медиуми не можеа да бидат подалеку од вистината“, пишува Џон Пери кој живее во Никарагва а пишува за Анхерд.
Од самото доаѓање на власт во 2007-ма, Ортега постојано го качува буџетот за здравство доведувајќи го во 2020 година до 19% од вкупниот буџет, што е едно од највисоките нивоа на светот (јадна Македонија, во 2023 ќе крати на здравство). Земјата меѓу првите извади ковид протоколи (што Македонија никогаш не го направи; види Што протокол е тоа ако не е унифициран?), спроведе ковид обука за 39.000 здравствени работници, постави специјализирана болница и опреми 18 други со посебни одделенија за болни од вирусот, формираше здравствени бригади кои секојдневно биле на терен, посетувајќи во пет милиони домови со цел да ги едуцираат луѓето, да воочат евентуални ковид случаи и да раскринкуваат дезинформации и гласини.
Во меѓувреме, освен рестораните и хотелите, другите бизниси останаа отворени. Приватните школи затворија но државните не, бидејќи за многу деца драгоцен е бесплатниот оброк кој секој ученик го добива во Никарагва.
Земјата имала два ковид пика, во мај и јули 2020-та година. Веќе во август, бројките биле паднати.
Дури кога почнаа да се вадат статистики за „вишок смрт“, се увиде дека Никарагва не минала лошо. Во секој случај подобро од сите нејзини фалени соседи.
На глобално ниво, Никарагва има една од најниските стапки на смртност на 100.000 жители - 189. За споредба, Велика Британија има 276 а САД - 374.
Благодарејќи на зачуваната работна кондиција на својата економија, таа закрепна фасцинантно брзо па Никарагва лани имаше пораст на БДП од 10 проценти.
„До денес, никој не се праша зошто Никарагва мина подобро од другите па да научевме нешто од тоа искуство. Ќе вредеше да се знае тоа за следната пандемија,“ пишува Пери.