Ова е писмото кое послужи за замолчување на целосната научна и јавна дебата околу човечкото потекло на вирусот и дека истиот е протечен од институтот во Вухан, кој беше првото жариште на пандемијата. Година и пол подоцна британски Дејли телеграф ги објавува резултатите од својата истрага околу научниците што го потпишаа писмото.
Иако за авторот на писмото Питер Дасзак, првиот човек на Екохелт алијансата, во повеќе наврати е пишувано дека стои зад финансирање на најразлични студии и експерименти во Вухан, не беше познато дека уште 25 негови колеги имаат врски со научници или финансиери на институтот во Вухан. Единствен за кој не се утврдила поврзаност со кинеските научници, е микробиологот др. Роналд Корли, од Универзитетот во Бостон.
Освен Дасзак, уште петмина други потписници исто така имаат работено за Екохелт алијансата. Дополнителни тројца потписници работат за британскиот Велком труст, кој исто така во минатото има финансирано истражување во Вухан.
Сер Џереми Фарар, потписник на писмото кој е член на Сејџ и директор на трустот, има објавено заеднички труд со Џорџ Гао, првиот човек на кинескиот Центар за контрола на болести, кого го опишува како „стар пријател“.
Гао, кој образованието го стекнува на Оксфорд, има работено како асистент во трустот, а самиот Дасзак претходно тврдеше дека Гао му дал поддршка за номинацијата во Националната академија за науки.
Гао има блиски односи со Ши Женгли, главната научничка во Вухан за истражување на коронавируси кај лилјаци и жена чиј тим во 2013 во пештера откри вирус кој е најблиско до Сарс-Ков-2 што некогаш е откриено.
Професорката Линда Саиф од Охајо стејт универзитетот, во 2017 зборува на работилница во Вухан, заедно со Ши и Гао, која делумно е организирана од Институтот за вирологија во Вухан.
Двајца други потписници се во лидерскиот тим на Светскиот виром проект, во кој Дасзак е одговорен за финансиите, а Гао е еден од луѓето кои помогнаа за лансирање на проектот. Целта на проектот е откривање и идентификување на барем 99 проценти од потенцијалните зоонозни вируси кои претставуваат закана за човековото здравје и безбедност на храната.
Овој проект ја презема работата од Предикт проектот, кој открива околу 1.000 уникатни вируси кај животни и луѓе. Подоцна се дозна дека Предикт во Вухан делумно финансирал контроверзни експерименти со коронавируси кај лилјаци кои биле изменети за да се види дали може да заразат луѓе. Финансирањето дошло преку Екохелт алијансата.
Во меил од 8-ми февруари, објавен по барање за Слобода на информации, Дасзак открива дека составил писмо откако за тоа бил замолен од „нашите соработници“ во Кина „за да им покажеме поддршка“.
Меѓу другите потписници, има научници кои зборувале на конференции во Вухан, и друг доктор за кој сега се дознава дека бил член на еден од советничките комисии на Институтот за вирологија во Вухан.
Пет други потписници имаат објавено текстови со професорот Ралф Барич, кој соработува со Ши Женгли и Институтот во Вухан на истражувања околу генетско манипулирање на коронавирусите, за да се утврди дали тие можат да заразат луѓе. И самиот Барич првично треба да го потпише писмото, за потоа заедно со Дасзак да одлучат дека е подобро да го нема на списокот.
Иако во јуни 2021 Лансет допиша дополнување на писмото во кое се наведуваат врските на Дасзак со Вухан, таму не се споменува конфликт на интереси кај ниту еден друг научник. Лансет претходно ги контактира сите 27 потписници да го ре-евалуираат можниот судир на интереси што го имаат. Од сите нив само Дасзак ги пријавува своите конекции.
Во меѓувреме неколку од научниците што се потпишаа на писмото, го променија своето мислење од март минатата година па сега повикуваат за цела истрага и дека писмото никогаш не требало да биде сфатено како аргумент дека Ковид нема природно потекло, туку дека има недоволно податоци за тоа.
Дасзак во јуни беше отстранет од Комисијата за ковид на О.Н. која го истражуваше потеклото на пандемијата, меѓутоа тој и понатаму е дел од тимот на СЗО за истражување на ковид.
На почетокот од месецов, тој беше ко-автор на текст објавен во Нејчр заедно со тимот на СЗО, во кој се тврди дека се уште има премалку докази кои ќе покажат дека вирусот протекол од лабораторија, и предупреди дека наскоро ќе биде предоцна за да може да се утврди како започнала пандемијата.