Нема кого Доналд Трамп не обвини за карванот бегалци кои од неколку држави од Централна Америка се упатија кон САД; попустливите Демократи, Мексико, матичните држави на мигрантите... И иако тој карван попат се осипуваше (беа 7 илјади, после спаднаа на пар илјади а ќе бидат уште помалку дур стигнат до американската граница), тој упорно го стиска копчето за паника и повикува дури и на војска, иако во таа колона има многу жени и деца. Па се заканува со прекин на помошта на Хондурас, Гватемала и Ел Салвадор (земјите чии луѓе ја чинат главнината на тој карван) и слични мерки од негов репертоар.
Реалноста вели дека тие луѓе не се запукале на толкав пат за да прошверцуваат јужноамериканско левичарство во САД, ниту пак да му го прават ќефот на Сорос. Реалноста вели дека за да ги разберат нив, САД сепак треба малку да се погледнат во огледало.
Вистинската приказна започнува за време на Студената војна, во доцните 70-ти години. Фидел Кастро пушта советско оружје и пари не само да ги помогне левичарските Сандинисти туку и да се обиде Никарагва да стане лансирна рампа за пошироко регионално замешателство во кое би се собориле десничарските влади во нејзиното соседство. Од друга страна го имате Роналд Реган, фајтерски расположен да покаже кој е таму газда кој великодушно ги помага никарагванските Контраши и, во тоа време про-американските режими во Ел Салвадор, Хондурас и Гватемала.
Тие земји САД тогаш ги сметаа за земји на првата борбена линија на фронтот против злобната империја на Советскиот сојуз.
А сега да ги видиме бројките: во 60-тите години, БДП-то на овие „фронтовски“ држави бил ист како оние помалку битните, „нефронтовски“ земји како Костарика, Панама или Белизе. Три децении подоцна, вторава група (оставени на раат од „битноста“) имаат три пати поголем БДП од првите, некогаш битните. На сличен начин се движеле и бројките на криминалот. Во нефронтовските земји бројот на убиства е 19,7 на 100.000 жители а кај оние кои биле „на фронтот“ е 43,5 на 100.000. Сан Педро Сула, градот од Хондурас од кој тргна бегалскиот карван е прогласен за светска престолнина на убиствата.
Пред Регановата интервенција, миграцијата од Централна Америка била незначителна, Башка, неговата администрација им нуди масовен азил на луѓето од Никарагва бидејќи сметаат дека тие луѓе бегаат од непријателска држава. Истовремено, истото тоа им се ускратува на луѓето од „фронтовските држави“ бидејќи бегаат од режими кои се пријателски кон САД, што за Вашингтон значи нерепресивни по автоматизам, иако постоеле дебели докази за масовно кршење на човековите права таму.
Оттука, луѓето од „стратешки битните“ земји кои сепак се докопале до американско тло се принудени да живеат како илегалци. Илегалци, и повеќе од нив, има и од Мексико но Мексиканците не бегаат од насилства туку се во потрага по подобар економски живот. Тоа, комбинирано со помошта и логистиката која ја добиваат од мрежата други мексикански луѓе и семејства кои со децении мигрираат во САД им овозможува да живеат пристоен живот. Затоа во Ел Пасо, пограничниот град во кој живее голема заедница мексикански илегалци, стапката на криминал е меѓу најниските во цел САД.
Таква среќа немаат дојденците од Централна Америка. Без локална помош, тие стануваат лесен плен на брзорастечките банди како МС-13 со кои Трамп редовно ги заплашува своите бели фанови.
Не дека Обама е невин. Тој прочуен нобеловец за мир го дозапали централно-американскиот потконтинент решавајќи да депортира 160.000 членови на банди назад во нивните матични земји. А да извезеш толкав олош во земји со релативно мало население е катастрофално за сигурноста на луѓето кои живеат таму.
„САД се одговорни, макар делумно, за хаосот во тие земји. Ние би требало да испраќаме авиони за да ги евакуираме тие несреќници, а не да ги пречекуваме со пушки и бајонети,“ пишува Шика Далмиа во The Week.